Skip navigation.

exploreopera

| Help

Sign up | Help

Macedonian Civilization

Македонска Цивилизација - Truth about Macedonians

БОГОМИЛИ



Се Е МЕЃУ ГОСПОД И ЃАВОЛОТ

Кој би рекол дека малите народи коишто последни се ослободуваат од туторството и од подреденоста на поголемите народи имаат некакви привилегии?
Во случајот со Македонија состојбата е сосема јасна.
Соседите многу пред нас го имаа "фатено возот" и успеаја да создадат држави со апаратура и со институции, со свои истории како средства за доминација над другиот, помалиот, необичниот.

Навистина, ако историските дискурси на нашите соседни држави успеат да се согласат околу една историска вистина во врска со Македонија и Македонците, без притоа, што се вели, меѓусебно да се исколат, верувам дека ние ќе ја прифатиме истата и ќе ставиме крај на веќе здодевната и бесмислена игра со нашиот идентитет.
Во еден повеќевековен процес, нам меѓу последните ни се падна во задача да создаваме држава и историја.

Но, според Блаже Ристовски, тоа и не е толку лошо, па дури е и одлично.
По сиот хаос на балканските препукувања, ние ја имаме привилегијата да создадеме објективна историја, со што помалку идеологизирање.
Во таа насока, може да се говори и за привилегирана ситуација во однос на истражувањето на сите феномени на тлото на Македонија кои се од духовна природа - философии, движења, учења - но и во однос на расветлувањето на природата на врската на Македонецот со овие феномени.
Сепак, артефактите на духот создавани во минатото, погледнати низ оптикумот на една музејска естетика, и не се нешто битно, затоа што немаат никакво дејствено значење за човекот кој живее сега и овде.
Значи, само онаа традиција којашто има вредност, живот и доволно универзалност за да биде модерна и денес, може генетички да ја врзуваме со нас.
Сé друго е само предмет на специјализираните науки за минатото.
Но, тоа не значи дека ако нешто се случило во минатото и ако било во врска со народот, дека тоа мора да биде традиција којашто - сама по себе - ќе има вредност и за нас сега.

Тргнувајќи од самата местоположба на Македонија, јасен е фактот дека на нејзиното тло се одигрувале многу општествени превирања и потреси, промени на етникуми и мешање на култури, што резултирало со усвитена духовна атмосфера во којашто се раѓале мноштво идеи, философии и религиски толкувања на животот и на смислата на човековото постоење.
Во историската наука, дури и на светско ниво, во последните децении од минатиот век се зголемува интересот за т.н. еретички религиски движења.
Нивната литература и другиот вид културни артефакти веднаш го привлекоа вниманието на книжевната историја, но и на етнологијата, антропологијата и археологијата.

Во таа смисла, Македонија станува доста интересна поради постоењето, во текот на историјата, на еден оригинален општествен и културен феномен на нејзино тло - богомилството.
Прифатен е ставот дека еден од центрите на ова еретичко движење - патем речено, ерес е она учење што отстапува од официјалните догми и откриени вистини на црквата, не со моќите на разумот, туку преку Божјо откровение во рамките на соборноста - била Македонија.
Оттука богомилството се ширело на Запад, преку Босна и Сицилија.

Во Македонија интересот за богомилите бил присутен во зависност од индивидуалните афинитети, но и од идеологијата.
На пример, во 1970 година Драган Ташковски ја издава книгата Богомилското движење со класична антицрковна заднина, каде што богомилското движење е прикажано како политичко движење за ослободување на македонските Словени од јаремот на црковната Византија, а попот Богомил е небаре Гоце Делчев во 10 век.
Таквото "читање" на движењето, се разбира, е многу дискутабилно, бидејќи прашање е колку во тоа време може да се говори за некаква национална свест.
Но, минатата, 2003 година, во печат се појавија две сериозни студии што го третираат богомилството.
Тоа се книгата Богомилското движење во Македонија од авторите Вера Стојчевска-Антиќ и Драгољуб Драгојловиќ, којашто претставува реиздание на истражувањето објавено во 1978 година, во рамки на МАНУ, и делото Дуалистички слики на Никос Чаусидис, коешто го испитува богомилството во медиумот на сликата.
Покрај тоа, во припрема за печат е и докторската дисертација Богомилството и неговиот одраз во духовната култура на Македонија на Маја Ангеловска-Панова.
Овие три студии - заедно со некои поранешни студии на Драгојловиќ - би требало да го синтетизираат знаењето на богомилството и да дадат релевантна слика за неговата природа, но и за односот и врската на македонскиот народ кон и со него.

Чаусидис смета дека, за разлика од порано, сега има поголем квантум на интересенти. "Во тоа време постоеја само чисто научнички иницијативи да се проучува богомилството и тоа не излегуваше надвор од рамките на науката.
Но, самиот факт што денес се продаваат книги и реизданија за богомилите, покажува дека општата културна јавност е позаинтересирана за проблемот", вели тој.

Богомилството се јавило во 9-10 век во тогашното царство Бугарија во чиишто граници била и Македонија, и се смета дека траело до 16 век.
Словените како пагани давале отпор кон покрстувањето, но и кон црковната хиерархија, којашто главно се состоела од Грци.
Можеби и поради тоа богомилската ерес им била средство за дефинирање на идентитетот наспроти другиот.

За творец на богомилството се смета поп Богомил од Македонија, но многумина сметаат дека попот Богомил не е историска личност, туку дека е лик од легендите.
Ангеловска - Панова е сигурна во постоењето на попот Богомил од Македонија којшто бил свештеник во официјалната црква.
Припаѓал на нижото духовенство (народот би рекол "селски поп"), но сепак бил многу образован и се залагал за реформи и искоренување на феудализмот и експлоатацијата на народот.
Никос Чаусидис укажува на фактот дека името Богомил може да има и древно-пагано-словенска традиција.
Во 9 век во Новгород, Русија, е забележан пагански жрец кој давал отпор кон покрстувањето на Словените, а се нарекувал Богомил.
Ова укажува дека зборот богомил има словенска традиција, и не значи мил на Бога (богумили) туку богомолец, врач, оној којшто е задолжен да се моли на Бога.

Главниот постулат на богомилството е дека постојат две космички начела: Бог, како апсолутно добро, и ѓавол, како апсолутно зло, па затоа ваквото верување се нарекува дуалистичка ерес.
Целиот видлив свет е творба на ѓаволот, вклучително и човекот, како тело коешто поседува душа којашто, пак, има божествена природа.
На овој начин е воспоставена дихотомија, поделба во светот и во човекот којашто не може да се надмине (современата наука ја покажа неодрживоста на поделбата на човекот на две супстанци - тело и душа).
Богомилите не ги почитувале верските храмови, бидејќи ги сметале за човечка креација, односно, во подлабока смисла, за ѓаволско дело, бидејќи ѓаволот бил господар на светот.

Сé што е од светот за богомилите имало негативна конотација.
Не верувале ниту во бракот и пропагирале живот без сексуални односи (некои богомилски групи оделе голи и практикувале оргијазам, што може да се толкува и како недоследност, но и како еден вид анархистички антидогматизам.
Чаусидис во врска со ова тврди дека таквите постапки ги оправдувале во тежнеењето да се поистоветат со предгрешниот Адам).
Тие ги отфрлале сите свети тајни на црквата, ги палеле иконите, а го почитувале само Новиот завет, којшто го толкувале онака како што сакале, во духот на индивидуалното толкување што подоцна ќе стане основен принцип на протестантите.
Богомилите имале свои космогониски митови со кои го објаснувале настанокот на светот и го гледале во светлината на дуализмот на двете космички сили што се борат за превласт. Поставката за две антагонистички космички сили коишто го устројуваат светот е преземена од манихејците.

Бидејќи пишаните книги на богомилите, како и апокрифите на другите дуалистички учења, се изгубени и запалени од страна на институциите на црквата, секогаш изворите за учењето на богомилите се делата на нивните опоненти.
Драгојловиќ и Антиќ сметаат дека богомилите се одликувале со борбен дух, кој се гледал во нивната кампања против тогашните цареви и богати феудалци кои го угнетувале сиромашното население, што може да се земе како доказ дека богомилството имало нагласена социјална димензија.
Замислете ја ситуацијата на Словените пагани кај кои владеела нагласена родовска демократија, доколку при покрстувањето им се натурал феудализам.
Нормално е да се претпостави дека тие и без многу да навлезат во учењето на православната црква, имале одбивност кон неа, пред сé кон надворешната форма на институционализирање на слободата.

Филмот Јад на Кирил Ценевски се обидува да го реконструира токму овој сегмент од животот на паганските Словени.
Познато е дека цар Самуил имал ерменско потекло, а бил наклонет кон богомилите. Неговата ќерка Косара, по сé изгледа, според убедувањето била богомилка.
Затоа не е чудна свирепата одмазда на Византијците.
Тие ги ослепиле Самуиловите војници со алузија на нивната наклонетост кон богомилската ерес.

Испитувајќи ја паганската религија на Словените, Чаусидис поставува хипотеза дека старите Словени уште во старата татковина дошле во допир со иранското манихејство и дуализам, така што е многу веројатно дека кога дошле на Балканот тие, според своето убедување, веќе биле дуалисти.
Во допир со сите други дуалистички учења на манихејците, масалијаните, павликијаните коишто бегале од прогоните на Црквата и се населувале на Балканот, во еклектички занес се родило богомилството.
На поставеното прашање дали богомилството е автентичен македонски феномен роден на тлото на Македонија, професор Чаусидис експлицитно одговори:
Не. "Според сега познатите научните факти на богомилството не може да му се залепи епитетот македонско, тоа не е еминентно македонски феномен.
Изворите говорат дека има јасни аргументи дека големите јадра на ова учење се наоѓаат во Мала Азија, Бугарија, Босна.
Така што мораме да се заштитиме од патриотистичкиот елемент кој не ни служи воопшто", вели Чаусидис.
Наспроти Чаусидис, Ангеловска - Панова смета дека богомилството е автентично движење на македонските словени, "еден вид народна религија за искажување на идентитетот".

"Сите влијанија од другите еретички учења заедно со влијанија од Античката философија богомилите ги синтетизирале во една целина заедно со паганските елементи на словените. Таа целина претставувала оригинална религиско-идеолошка програма."

И во поглед на самата природа на учењето и од аспект на неговите философски и етички импликации, сепак богомилството не било оригинално учење.
Еклектицизмот не може во принцип да содржи оригиналност во себе.
Затоа богомилството и често се мешало со другите еретички учења во тогашна Византија, како манихејството, масалијанството и павликијанството, кои со својот дуалистички концепт за космосот влијаеле и врз богомилите.
Фактот дека недостигаат оригиналните извори на дуалистите, говори за проблемите со коишто се соочуваат научниците, бидејќи мора да реконструираат врз основа на податоци коишто не се изворно богомилски.

Проблемот на богомилството е ставен во една незгодна ситуација бидејќи се смета за опонент на ортодоксното христијанство, смета Чаусидис.
"Живееме во култура на православието, па е нормално да бидеtoaspekt na to ubeduvawe,weto z присутна и одредена самоцензура кај оние кои го истражуваат и проучуваат богомилството."
Чаусидис пишува:
"Во Македонија и во регионите околу неа, дуалистичките религии се провлекувале низ маргините на пишаните историски извори.
Затоа во нив има премалку и особено премалку точни и релевантни податоци, врз основа на кои денес би можела да се напише нивната историја.
Оскудноста и двосмисленоста на овие факти им оставала преголем простор на предубедувањата на истражувачите и на научните школи на кои тие им припаѓале.
Овие предубедувања, често базирани врз пристрасноста кон некој етнички, културен ентитет, религиски или научен концепт, непотребно го стеснувале погледот и пристапот на истражувачите, насочувајќи ја нивната методологија во одредена, најчесто однапред поставена теза и цел" (курзив - Р.С.).

Искажувањето на авторот е сосема точно, бидејќи е навистина отворено прашањето дали воопшто може да постои научна методологија што нема да има однапред поставена теза и цел или што нема да биде во врска со субјективната перцепција и ограниченост на истражувачот?
Дали навистина овој народ бил толку силно поврзан со дуалистичките ереси или, пак, тие се појавувале на овие простори како што се појавувало сé друго?
Дали тоа било поприродна и поприфатлива религија отколку православното христијанство?
Како, тогаш, ова второто сепак останало во непосредна врска со душевноста и практиката на овој народ, а првото исчезнало? Ангеловска - Панова мисли дека Македонците-муслимани се, всушност, богомилите коишто со доаѓањето на Турците на Балканот примиле ислам поради неговата едноставност и непочитување на икони наспроти сложеноста и раскошот на православната црква.
Пред оваа хипотеза се исправа еден проблем како дуалистички настроените богомили прифатиле една монотеистичка и монистичка религија?
Црквата ги гонела и ги изгонила еретиците, но сепак народот останал овде, а бил еретички настроен?

Самиот народ вели:
"Секој човек, башка будала".
Научната генерализација за тоа дека "Македонија е лулка на богомилството" е тенденциозност.
Во Дуалистички слики има егзактно проследување на постоењето на дуалистички артефакти на тлото на Македонија.
Но, се чини дека треба да се остави времето и следните генерации истражувачи да покажат дали се премногу смели толкувања на Чаусидис на феноменот на Богородица со Христос од црквата Св. Софија.
Имено, некои украсни детали на иконостасите и царските двери во црквите, Чаусидис ги толкува во богомилска насока, но исто така тие можат да се толкуваат и од апсолутно ортодоксна христијанска перспектива.
Користењето на две зооморфни фигури една наспроти друга може да се гледа и како чист уметнички акт на украсување, воден од принципот на естетското доживување на симетријата, но и во согласност со концепцијата на Црквата за природата како творба Божја која е дел од рајот.
Или, пак, симбол на борбата на доброто и на злото, но не нужно на космичко ниво.


Фолклорот може да се гледа како голем хард-диск што меморира сé.
Ако народот органски се врзе за нешто, тогаш тоа засекогаш останува дел од него.
Во студијата на Драгојловиќ и Антиќ поглавјето за дуалистичките елементи во македонскиот фолклор би требало да ја лоцира врската со богомилството.
Но, се чини дека научниците забораваат дека во фолклорот имаме работа со уметнички видови и дека таму повеќе важат законите на уметноста.

Постојат приказни за Бог и за ѓаволот како другари, па и браќа, коишто говорат за врските со дуалистичките учења.
Народот раскажувал и создавал фабули од чисто уметничка побуда, а не за да задоволи една, а да негира друга идеологија.
Естетски се дразнел со интересното, фантастичното, надреалното, та не е ни чудо што користел сé што ќе му дошло при рака.
Бог и ѓаволот се субјекти на фабулата и се во служба на истата.

Приказната за средбата на Адам со ѓаволот, кој му вели дека тој ја повела земјата и бара од Адам да му ја продаде душата, не мора да се толкува само богомилски, туку може и фаустовски.
Врската на народот со природата и со "природното", сфатено како здравје и виталност, говори за тоа зошто богомилството не опстанало на овие простори.
Ако ја проследите културата на селанецот ќе видите еден естетски однос кон природата и кон материјата, кој по егзалтација е пагански, но е далеку од богомилски.
За народот убавината на природата, телесната љубов меѓу мажот и жената и раѓањето на човечки личности е "божева хубавина".
Значи, творец на светот и на човекот е сепак Бог, а не ѓаволот.
Дуализмот се чини природен за умот на човекот.
Немоќта да се објасни злото и страдањето го гонело човекот да претпостави и космички принцип на злото од којшто тоа произлегува.
Во игра е и т.н. систем на бинарни опозиции: добро-зло, душа-тело, дух-материја, разум-емоција, маж-жена, каде што секогаш вториот член е подреден и со негативна конотација. Овој систем на мислење е радикално критикуван од најновите философско-политички погледи (постмодернизам), како анахрона основа за отуѓување и за потчинување на жените, послабите и на природата.

Секој феномен е комплексен и бара интердисциплинарна анализа.
Останува во времето што доаѓа темелно да се расветлат сите недоумици околу богомилството во Македонија.
Отвореноста на Македонија како крстопат може навистина да се толкува како привилегија, затоа што човекот овде научил да биде толерантно и плуралистички настроено суштество.
Да не прифаќа сé толку лесно, но и да дозволи да постои другиот и другото.
Понекогаш се чини дека најнепостојаното битие коешто никако не може да се дофати е токму народот.
Народот кој родил гении со широка душа за да му создадат "универзитет", како св. Климент и Наум Охридски, и во исто време група богомили кои со стапови сакаат да им ја искршат главата.

СРЕДНОВЕКОВНИ СВЕДОШТВА ЗА МАКЕДОНЦИТЕRoman Maps

Write a comment

Comment
(BBcode and HTML is turned off for anonymous user comments.)

Please type this security code : 73d554

Smilies