петок, 23 март 2012 12:08
Се вчитува...

ДНЕВНИК: Грција експроприра во Леринско

04.01.2010 - 08:20:35

Грчкото Министерство за одбрана сака да експроприра ниви околу четири села во општината Овчарани, во северна Грција, населени главно со Македонци, за да го прошири воениот полигон. Жителите од околните села веќе најавија институционална битка и во земјата и на меѓународно ниво против оваа намера откако во октомври минатата година остро се спротивставија на одржувањето на ненајавените воени маневри на грчката армија во близина на нивните села. Тогаш, тие со жив штит што го направија околу 200 жители во селото Забрдени, или по грчки Лофи, два дена не дозволуваа низ селото да поминат оклопните возила на грчката армија. Тие се спротивставуваа на намерата воениот логор подоцна да прерасне во касарна каде што ќе има поголеми воени единици.

По судирот со полицијата седум жители-Македонци беа приведени од полицијата, а еден полесно повреден. Против приведените лица се' уште се водат постапки пред надлежниот суд во Лерин. Леринскиот јавен обвинител против нив поднел пријави за спречување движење на воени и полициски возила на јавен пат.

Македонците од овие села кои се во непосредна близина на македонско-грчката граница изјавуваат дека своите права на здрава животна средина и имотите повторно ќе ги бранат со жив штит пред оклопните возила на грчката армија.

Два дена протестираа против поставениот воен логор, за кој сметаат дека подоцна ќе прерасне во касарна, каде што ќе има поголеми воени единици, офицери и нивните семејства.

По минатогодишниот инцидент на воениот полигон во близина на селото Забрдени, селаните заедно со градоначалникот на Овчарани, како и пратеници на тогаш опозицискиот ПАСОК, побараа од Министерството за одбрана да го дислоцира полигонот. И наместо Министерството да одговори на барањата, на почетокот на ноември лани испратило известување дека „решило да експроприра одреден број ниви во регионот на четирите села Овчарани, Росен, Баница, Гурничево“. Во официјалниот факс испратен до префектурата, Министерството за одбрана се повикува на закони за конфискување земјиште заради национални интереси и на селаните им нуди, како што наведува, објективна цена за нивите. Министерството уште ги повикува селаните да одат да си земат пари, бидејќи полигонот ќе се проширува.

Жителите на засегнатите села не сакаат јавно да ја коментираат ваквата одлука на Министерството за одбрана, но потегот го толкуваат како демонстрација на сила против грчки граѓани и тоа во малцински регион.

- Армијата ја донесе одлуката кога сите бараат да се дислоцира полигонот. Како е можно во една демократска држава, наместо дијалог, да има уште поагресивна политика - велат неофицијално граѓани од регионот на општината Овчарани.

Официјално се огласи само првиот човек на Забрдени со писмо до Министерството за одбрана, во кое потсетува дека „89 негови сограѓани се' уште се влечат по судови и до ден-денес се под притисок поради обидите да се спречи ланската вежба на полигонот“.

- Со документот од Министерството за одбрана за нас е очигледен планот на државата и на Министерството да организираат паради со тенкови и војници речиси во нашите авлии - пишува во писмото.

Одлуката на Министерството се опишува како опасна и за имотите и за животот и за мирниот соживот на мирољубивите граѓани, а од властите се бара да престанат со „спроведување колонијалистичка политика во индијански регион“.

Жителите на четирите села, преку писмото од градоначалникот на Забрдени, нудат помош до Министерството за одбрана, ако одлуката била донесена од економски причини.

- Ако имате намера да го дислоцирате полигонот, ние ќе ви го купиме земјиштето, иако еднаш нашите дедовци го купиле од Турците, а вие ни го зедовте со сила и го направивте полигон - се додава во писмото.

Градоначалникот на Забрдени предупредува дека ако армијата се осмели повторно да организира вежба како ланската, граѓаните ќе направат жив штит и нема да дозволат војниците да се доближат до нивните села.

Ланските протести во Забрдени против воените вежби го свртеа вниманието на јавноста во Грција, во Македонија, но и на меѓународен план. Прашањето предизвика јавна дебата во грчкиот парламент, а партијата на македонското малцинство ЕФА „Виножито“ директно ги обвини грчките власти за спроведување политика на дискриминација. По инцидентот, локалните лидери се договориле војската во своите активности во регионот да не ги уништува нивите, да не користи оклопни возила и да не врши гаѓање со боева муниција во близина на населените места.

Нетпрес
Курсна листа
USD45,5246,80
EUR61.3561,75
CHF49,9851,38
GBP70,7072,68
developed by Медиум 3
Вестите на интернет страницата на новинската агенција Нетпрес може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од новинската интернет агенција Нетпрес, или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите.
© Copyright Net Press 2007, Skopje, MACEDONIA
Правен застапник на Новинската интернет агенција Нетпрес е адвокатската канцеларија “Апостолски“ од Скопје тел./факс: +389 2 3110 617; +389 2 3109 684 www.apostolski.com.mk