Бруто домашен производ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Карта на земјите по БДП (номинално) во американски долари.

Бруто домашен производ или БДП (англиски: gross domestic product, GDP) е еден од основните начини на мерење на големината и перформансите на една економија. Бруто домашниот производ е дефиниран како вкупната пазарна вредност на сите произведени финални добра и услуги во една земја во одреден период (вообичаено, една година). Според тоа, во БДП се вклучуваат само финалните добра, т.е. се исклучува вредноста на интермедијарите производи во производството. Изразот бруто се однесува на фактот дека амортизацијата на капиталните фондови е вклучена во пресметката на БДП. Значи, доколку се одземе амортизацијата на капиталните фондови би се добило нето домашен производ. Бруто домашниот производ е централна макроекономска категорија, преку која се мери вкупната економска активност на една земја.

Дефиниција[уреди | уреди извор]

Бруто домашниот производ претставува збир на вредноста на вкупно произведените финални добра и услуги на една земја во текот на една година. Дефиницијата содржи неколку битни карактеристики:

  • БДП е збир на вредноста на финалните добра и услуги. Таа вредност се изразува така што вкупните количини на добра и услуги се множат со нивните пазарни цени и всушност се добива вкупната пазарна вредност на ниво на цела економија.
  • БДП е мера на вкупно произведените добра и услуги. БДП ја одразува вредноста не само на материјалните добра кои задоволуваат чисто физички потреби (храна, облека, станови), туку и на бројните добра кои задоволуваат духовни потреби (книги, филмови, уметнички слики) како и сите услуги.
  • БДП е збир на вредноста на финалните добра и услуги. Во пресметување на БДП влегува само вредноста на финалните добра и услуги, а не и вредноста на интермедијарите (суровините).
  • Станува збор за добра и услуги произведени во текот на една година.
  • БДП го вклучува само легалното производство. Во БДП не влегува вредноста на илегалните трансакции кои ја чинат сивата и црната економија. Во БДП не се опфаќа вредноста на производите и услугите создадени во рамките на домаќинствата и наменети за членовите на домаќинствата затоа што тие не добиваат своја валоризација преку механизмот на пазарот и не се врзани за никаква финансиска трансакција.[1]

Мерење на БДП[уреди | уреди извор]

Постојат два основни метода за пресметување на БДП:

  • БДП како збир на вредноста на финалните добра и услуги,
  • БДП како збир на трошоците за ангажираните фактори (инпути) на производство.

Потрошувачки метод[уреди | уреди извор]

Целта на овој метод е да ги собере вредностите на сите добра и услуги преку евиденцијата на потрошувачката на добра и услуги. Притоа, според овој метод, БДП се пресметува на следниов начин:

БДП= C + I + G + (X-M)

каде што:

C - е потрошувачката на добра од страна на домаќинствата во (стан, храна, облека, возила, услуги итн.).
I - се однесува на инвестициите од страна на претпријатијата. Ова не се однесува на инвестирање во хартии од вредност. Според тоа, БДП ги вклучува само инвестициите во реални, производствени добра, а не и инвестициите во финансиски инструменти.
G - е потрошувачката од страна на владиниот сектор. Тука спаѓаат сите трошоци на владата за стоки и услуги, меѓутоа не се вклучени трошоците за социјални трансфери, со цел да се избегне нивното двојно пресметување.
X-M - во економијата, оваа категорија е позната како нето-извоз, односно извоз (X) минус увоз (М). Извозот се однесува на добрата и услугите што се произведени дома а се продадени во странство. Увозот ги опфаќа добрата што се произведени во странство а не во домашната економија, така што би било погрешно доколку тие добра ги вброиме во БДП.[2]

Мерење на БДП според фактори на производство[уреди | уреди извор]

Уште еден начин да се измери БДП е според факторите на производство, односно со собирање на сите трошоци потребни за да се произведе еден производ, додавање на амортизацијата и додавање на индиректни даноци. Претпријатијата ангажираат инпути, односно фактори на производство: труд, капитал, земја и претприемачи. Тие имаат своја цена: наемнина, камата, рента и профит. Ако ги сумираме вака направените трошоци од страна на претпријатијата, на ниво на вкупна економија, се доаѓаа до категорија којашто економистите ја нарекуваат општествен доход.[3]

Општествен доход = плати + камати + ренти + Профит

За да стигнеме до БДП, неопходно е предвид да се имаат уште две ставки: Прво, во продажните цени на добрата и услугите се содржани индиректни даноци (акцизи, ДДВ)

Нето општествен доход = општествен доход + индиректни даноци

Понатаму, нето општествениот доход треба да го зголемиме за износот на амортизација (депрецијација)

БДП = нето општествен доход + амортизација

Видови БДП[уреди | уреди извор]

Номинален бруто домашен производ[уреди | уреди извор]

Номиналниот бруто домашен производ претставува вредност на вкупно произведените финални добра и услуги во економијата пресметан според тековни цени. Тековните цени меѓутоа го содржат и влијанието на инфлацијата во соодветната година. Порастот на номиналниот бруто домашен производ во една земја може да биде резултат не само на порастот на произведените количини на финални добра и услуги во тековната година, туку и резутат на порастот на општото ниво на цени во економијата под дејство на инфлацијата. Доколку стапката на инфлација е повисока, сосема е можно да се случи номиналниот бруто домашен производ да покажува пораст и во услови кога нивото на производство во тековната година се намалило во однос на претходната. Номиналниот бруто домашен производ не ги одразува реалните промени во вкупното производство на економијата. Затоа, неопходно е да се пресмета т.н. "реален бруто домашен производ".

Реален бруто домашен производ[уреди | уреди извор]

Реалниот бруто домашен производпретставува вредност на вкупно произведените финални добра и услуги во економијата искажана, пресметана, според постојани, константни цени. Реалниот бруто домашен производ ги одразува промените во вкупнотo производство на економијата кои се резултат само на промените на произведените количини на добра и услуги, а не резултат на промените на цените на добрата и услугите. Овој показател е ослободен од дејството на инфлацијата. Реалниот бруто домашен производ се пресметува според константни, постојани цени, односно според цените од една претходно избрана, базна година. Реалниот бруто домашен производ може да се пресмета и со помош на т.н. "дефлатор на БДП", кој го покажува нивото на цените во тековната година во однос на нивото на цените во претходната година.

БДП реален = БДП номинален / дефлатор на БДП

Од номиналниот БДП може да се добие реалниот БДП ако номиналниот БДП го поделиме со (1+(инфлација/100). На пример, ако номиналниот БДП е 100$, а инфлацијата изнесува 5%, тогаш за да стигнеме до реалниот БДП треба 100 да го поделиме со 1,05, т.е. 100/1,05 = 95,24. За утврдување на растот на една економија се пресметува порастот на реалниот БДП од година во година, изразен во проценти. Пример, ако во некоја година, Македонија имала економски раст од 10%, тоа значи дека во таа година, реалниот БДП пораснал за 10% во однос на претходната година. За меѓународни споредби, вообичаено е БДП на земјите да се изразува во американски долари. Меѓутоа, имајќи предвид дека куповната моќ на еден долар се разликува од земја до земја, со цел да се добие претстава за вкупната вредноста на добрата создадени во една економија, БДП се изразува по паритетот на куповните сили. Најпосле, како мерка на животниот стандард на населението се употребува показателот "БДП по глава на жител" (GDP per capita).[4]

Фактички и потенцијален бруто домашен производ[уреди | уреди извор]

Фактичкиот БДП ги покажува само краткорочните варирања, флуктации на БДП од година во година. Потенцијалниот БДП е показател за долгорочната тенденција на бруто домашниот производ, т.е. ги покажува вистинските производни можности во земјата. Кога економијата функционира на нивото на својот потенцијален БДП, тоа значи дека сите расположливи ресурси на земјата ефикасно се користат. Тогаш, сите фактори на производство се високоангажирани и се остварува оптимално вкупно производство. Затоа, потенцијалниот БДП често се нарекува и бруто домашен производ на ниво на полна вработеност. Потенцијалниот БДП не е максимален производ, туку се сведува на максимално одржлив производ, максимален обем на производство што една економија може да го осигура без да се наруши ценовната стабилност, без да се предизвика инфлација.

Фактичкиот БДП постојано флуктуира, над и под потенцијалниот БДП. Разликата помеѓу фактичкиот и потенцијалниот БДП во текот на една годинасе нарекува "јаз на БДП" (GDP gap). Кога фактичкиот БДП е над потенцијалниот, тоа значи дека економијата е во фазата на експанзија, којашто може да премине во висока и неконтролирана инфлација. Кога фактичкиот БДП е под потенцијалниот, тогаш економијата се наоѓа во фазата на рецесија, која, ако долго трае и се продлабочува, може да премине во депресија. Движењето на фактичкиот БДП над и под потенцијалниот го одразува само цикличниот развој на економијата, односно ги одразува т.н Бизнис циклуси или економски циклуси во економијата – замената на експанзијата со рецесија и обратно.[5]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Таки Фити, Економија - Основи на економија, (III изд.), Економски факултет - Скопје, Скопје, 2010, стр.299-303.
  2. Таки Фити, Економија - Основи на економија, (трето издание), Економски факултет - Скопје, Скопје, 2010, стр. 299-303.
  3. Таки Фити, Економија - Основи на економија, (трето издание), Економски факултет - Скопје, Скопје, 2010, стр. 299-303.
  4. Таки Фити, Економија - Основи на економија (трето издание), Економски факултет - Скопје, Скопје, 2010, стр. 306-309.
  5. Таки Фити, Економија - Основи на економија (трето издание), Економски факултет - Скопје, Скопје, 2010, стр. 309-310.