Најнов број Насловна
Број 2932    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
МАКЕДОНЦИТЕ НЕЗАДОВОЛНИ
Во цела Албанија само еден директор Македонец

Ѓорѓи Тане (27), правник од селото Глобочани, Мала Преспа, е првиот директор Македонец во државниот сектор на Албанија. Тој ќе се грижи за проблемите и прашањата од областа на социјалната политика во околијата Корча, во која живеат околу 350 илјади жители. Тане на оваа функција доаѓа врз основа на постигнатиот предизборен договор со Партијата за заштита на човековите права, која е владин коалициски партнер.

Претседателот на Заедницата на Македонците, Ефтим Митревски, не го крие своето незадоволство.

- Не можеме да бидеме задоволни само со директорско место на локално ниво, бидејќи Македонците во Албанија заслужуваат повеќе, а и договорот со партијата беше најмалку за заменик-министерско место и уште неколку директорски места во министерствата - вели Митревски. Според него, тоа што Ѓорѓи Тане ја прифатил функцијата е негов индивидуален чекор.

- Предлогот требаше да се анализира во партијата и заедницата за да се види дали е прифатлив или навредлив за Македонците во Албанија. Македонците не заслужуваат само едно директорско место, туку, пред се, места во законодавниот дом, во владата и во други државни институции - рече Митревски.

Ѓорѓи Тане на јулските парламентарни избори во Албанија учествуваше како кандидат на заедницата на Македонците, но на мнозинската листа на Партијата за заштита на човековите права, во која главно членуваат припадници на грчкото малцинство. Поради доцнењето на регистрацијата на нивната партија, Македонска алијанса за европска интеграција, Македонците не можеа да учествуваат со свои кандидатски листи.

(В.Т.)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани