А1 Телевизија  
  Вести Спорт Емисии ТВ програма Контакти Мапа  

Тоше Проески

Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година во Крушево. Неговите родители уште како дете забележале дека поседува музички талент, па така и го насочиле неговиот животен пат.

Како малечок настапува на „Златно славејче“ и на „Мелфест“, пред и официјално да ја почне својата музичка кариера.

„Се се должи на љубовта кон музиката. Скалите си одат една по една сами по себе и никогаш не размислуваш што ќе се случи по 10 години или по 20 години“, изјавуваше Тоше Проески.

Неговиот талент го забележуваат сите, па затоа и неговите настапи уште како дете завршуваат со награди.

За првпат пред македонската публика се појавува на Скопскиот фестивал со „Остани до крај“ во 1997 година. Од овој момент почнува и неговиот поход кон ѕвездите.

Следи потпишувањето на неговиот договор со „Авалон продукција“ по кој, пак, на пазарот се појавува и неговиот дебитантски албум „Некаде во ноќта“ во 1999 година кој публиката одлично го прифаќа.

На овој албум Тоше соработува со докажани македонски автори, меѓу кои се и Григор Копров, Огнен Неделковски и други.

Следната 2000 година учествува на македонскиот национален избор за евровизиски претставник, но успева за жал да стигне само до третото место. По ова на своите фанови им го подарува и својот втор албум „Синот Божји“, кој стигнува до врвот на македонските топ листи.

Од овој албум започнува и неговиот поход за освојување на Балканот. Договорот за соработка со БК му ги отвара вратите за просторот на југословенските републики. Неговиот талент оваа публика го препознава и го наградува со Оскар на популарноста на фестивалот „Сунчане скале“.

Во 2003-та ја започнува соработката со Лилјана Петровиќ, која ќе му го донесе албумот „Ако ме погледнеш во очи“. Овој албум е работен во Атина, а беше промовиран во Србија, Македонија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Стана најкопираниот музички материјал кај пиратите, поради што не можеше точно да се утврди бројката на неговата продаваност.

„Во еден момент некој ми рече дека би сакал да слушнам некое момче од Македонија кое пее како славеј. Јас реков, нема проблем, побарајте го“, рече Лилјана Петровиќ.

„Се сеќавам дека единствениот повик на кој одговорив тој ден кога се сретнавме со Лилјана беше нејзиниот телефонски повик“, изјавуваше Тоше.

2004-та беше негова година. Тој ја претставуваше Македонија на Евровизискиот избор во Турција каде го освои 14-то место. Ја доби хуманитарната награда „Мајка Тереза“.

Таа година беше именуван за регионален амбасадор за добра волја на УНИЦЕФ, заради што ја издаде песната „За овој свет“. Оваа година го потпиша и договорот со „Далас рекордс“ за негов пласман во Хрватска и Словенија.

Со песната „Чија си“ во 2003-та Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“. Ги објави следниве албуми:

  • „Некаде во ноќта“ во 1999-та
  • „Синот Божји“ во 2000-та
  • „Ако ме погледнеш во очи“ во 2003-та
  • „Ден за нас“ во 2004-та
  • „По тебе“ во 2005-та
  • „Божилак“ во 2006-та
  • „Игри без граници“ во 2007-ма.

Сингловите од албумот „По тебе“ неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и БиХ.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД изданија за неговите концерти во 2004 и 2006 година.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа овој месец на Градскиот стадион во Скопје, со којшто постави нови рекорди на посетеност. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во нашава земја.

„Хуманоста не се искажува со зборови, туку се покажува со дела“, рече Тоше на концертот.

Тоше загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска.