КОНТРА ЕНТРОПИЈА

март 26, 2010

Леќите го потврдуваат космичкото забрзување

Полека ама сигурно сликата за структурата на космосот кога се зборува за големи размери станува се појасна. Иако во науката е опасно да се зборува за конечни и апсолутни вистини, сепак можеме да кажеме дека ја насетуваме „големата скица“ или „планот на градба“.

Уште од 1938 година астрономите оперираат со поимот на темна материја. Од 1998 година се појави и еден друг поим, наречен темна енергија. И порано на блогов сум пишувал за нив, па сега ќе дадам само краток преглед. Зборуваме за темни нешта бидејќи тие се тоа – не емитуваат не само светлина, туку и било какво електромагнетно зрачење. Но, бидејќи ништо не може да и избега на гравитацијата, и темната енергија и темната материја се поврзании со неа. Темната материја реагира на гравитационите полиња, а и самата е извор на гравитационо поле. Се смета дека најверојатен кандидат за темна материја се некои сеуште неоткриени елементарни честички. Темната енергија е нешто поинаква. Таа е повеќе дел на „позадината“ на универзумот, својство на самото простор – време. Одговорна е и за забрзувањето на ширењето на универзумот. Процентуално, универзумот се состои од околу 70% темна енергија и околу 20% темна материја. Се останато е обична материја: гас, прашина, ѕвезди, планети и самите ние.

темна материја

Космичка структура на различни растојанија од Земјата. Извор: Centauri Dreams

Она што е тема на постов е дека ние како астрономи постојано го тестираме овој модел на универзумот. Така, беше покренат проектот COSMOS, кој има за цел да се одбере едно парче од небото (со површина од околу 1.6 квадратни степени) и да се набљудува во сите подрачја од електрмагнетниот спектар (радио, инфрацрвено, оптичко, УВ, рендгенско зрачење). Се собра огромно количество на податоци и тоа е смеатено во големи бази на податоци кои се достапни за истражување. Процесот на собирање на податоци сеуште трае.

Еден од начините на кој што може да се искористат овие податоци е да се искористи фактот дека и обичната материја и темната материја и енергија може да влијаат на простирањето на фотоните низ простор – времето, односно да ја менуваат патеката на светлосните зраци кои до нашите инструменти доаѓаат од далечните галаксии (техничкиот термин е слаба гравитациона леќа – оттаму и насловот на постот). Со внимателно мерење на нивните форми низ целото поле на небото кое е опфатено со оваа студија, може да се тестира геометријата на универзумот, и да се определи дали темната материја навистина е тука и да се тестира дали навистина таа гравитационо делува на „обичната“ материја притоа создавајќи ја структурата на универзумот која што ја набљудуваме (групи и јата од галаксии, галактички ѕидови и конци).

темна енергија

Распоред на темната материја на небото на различни растојанија. Црвено е најдалеку. Извор: Centauri Dreams

COSMOS ги потврдува нашите претпоставки за структурата на космосот. Повеќе за ова може да прочитате како и секогаш на одличниот блог – Centauri Dreams. Еден од астрономите кои се и главни носители на овие истражувања е и Tim Schrabback кој е мој колега тука во опсерваторијата во Лајден. Големо е задоволството кога може да се зборува и човек да се дружи со луѓето кои се директни учесници во најавангардните астрономски проучувања. Мало место меѓу нив има и еден Александар од Македонија.

Powered by WordPress