Објавено 12 октомври 2011, 16:56, во Капитал Академија - текстови
Share |
Print page КОЛУМНА

Катерина Бошевска - Анализа на финансиските извештаи

Катерина Бошевска - Анализа на финансиските извештаи


Финансиските извештаи ги поврзуваат финансиските податоци на деловниот субјект низ временска рамка, со цел да создадат визија кај врвниот менаџмент за тоа која е позицијата на деловниот субјект. Токму преку ова се изразува и суштинската карактеристика која ја носи со себе оваа алатка, правејќи ја квалитетна подлога за донесување одлуки. Финансиските извештаи претставуваат корисна алатка за прикажување на економската реалност за работењето на деловните субјекти до врвниот менаџмент и другите нивни корисници.

Доколку правилно ги прочитаме финансиските извештаи, од нив можеме да ја видиме применетата политика за ликвидност на деловниот субјект, неговата финансиска сила и да извлечеме заклучок за начинот на финансирањето на активностите. Следствено на ова, да се утврди степенот на задолженост на деловниот субјект, структурата на капиталот и најважно од сe, степенот на успешност во работењето - остварениот финансиски резултат. Ако се обидеме сите тие податоци да ги анализираме во временска рамка, можеме да извлечеме трендови на движења на одредени клучни финансиски варијабли од работењето, кои ќе ни ги прикажат идните случувања на финансиски план кај деловниот субјект. На тој начин, правилното читање на финансиските извештаи во голема мера помага во процесот на идните планирања или на буџетирање за деловниот субјект.

 Финансиските работници мора сериозно да се посветат на прашањето дали може правилно да ги прочитаат финансиските извештаи, што претставува правилно читање и како може да го постигнат тоа. Правилното читање на овие извештаи почнува во процесот на создавање на финансиските извештаи, поточно за време на финансиската евиденција на сите податоци и трансакции, која има клучна улога и влијание врз квалитетот на податоците во извештаите. Деловните субјекти треба да посветуваат големо внимание на организирање и поставување високостручни, современо ориентирани и посветени финансиски работници, кои ќе ја носат одговорноста за висококвалитетни податоци во финансиските извештаи. Како поддршка во процесот на создавање квалитетни финансиски податоци, на финансиските работници раководството треба да им стави на располагање софистицирани и специјално дизајнирани софтверски решенија за обработка на податоци, кои треба да бидат во корелација со локалните законски прописи и меѓународните сметководствени стандарди или со стандардите поставени од групацијата на која евентуално припаѓа деловниот субјект.

Високата технологија и уредно дизајнираните технолошки процеси со софтверска обработка на податоците обезбедуваат сигурност во обработените податоци и нивна правилна презентација. Токму големите корпорации, кои имаат свои претставништва низ светот, одлуките ги темелат на консолидираните финансиски извештаи, од кои ги црпат потребните информации за донесување деловни одлуки. Кај нив практиката на создавање финансиски извештаи оди дотаму што се стандардизира начинот на обработка на финансиските податоци, користејќи иста номенклатура (сметковни планови), се трансформираат податоците од секоја поединечна подружница во една иста форма на извештаи, кои потоа се обработуваат и се консолидираат. На тој начин придонесуваат кон висококвалитетни информации во секој финансиски извештај, кои доколку правилно се прочитаат, може да ни покажат многу корисни податоци за деловниот субјект.

Доколку правилно ги примениме и/или интерпретираме прочитаните податоци од финансиските извештаи, можеме да ги изразиме економските позиции на деловниот субјект. Ваквата практика во финансиската литература уште е позната како анализа на финансиските извештаи, која помага во изразувањето на економските позиции за деловниот субјект, а тоа претставува особено важна и корисна информација за врвниот менаџмент врс основа на што ги базира одлуките за иднината на деловниот субјект. Преку податоците во финансиските извештаи се отсликува успешноста во работењето, профитабилноста, стабилноста и перспективата на деловниот субјект. Сепак, мора да потсетиме дека се анализираат податоци кои се точно измерени, проверени и ги содржат потребните атрибути неопходни за извештаите да бидат корисни.

Најчестите атрибути кои треба да ги поседуваат финансиските извештаи се: квалитативно проверени, релевантни, навремени, верифицирани и веродостојни, но најважно од сe, непристрасни финансиски информации ослободени од секакви предрасуди. Тие атрибути претставуваат главна подлога за анализа на финансиските извештаи и изведување заклучоци за три временски димензии на деловниот субјект: минатото, сегашноста и иднината. За да се избегне ризикот од неквалитетни податоци во финансиските извештаи, а консеквентно на тоа и веродостојноста на анализата на тие податоци, деловните субјекти треба да практикуваат редовна финансиска контрола. Со правилно функционирање на контролата, крајните корисници на анализата на финансиските извештаи ќе бидат уверени во нивната веродостојност и сите одлуки ќе ги засноваат токму на резултатите од интерпретацијата на истите.

За да функционира правилно процесот на анализа на финансиските извештаи, треба да се разбере концептот на нивно подготвување, форма и содржина. Треба правилно да се оценат избраните сметководствени методи, политики и целокупниот финансиски процес и систем на финансиско известување. Финансиската контрола мора да потврди дека во процесот на создавање на финансиските извештаи се запазува концептот на континуитет во непредвидено траење за деловниот субјект. Ова од причина што единствено податоците содржани во извештаи кои го запазуваат овој концепт може да бидат корисни и применливи во спроведувањето на финансиската анализа. Треба да се разбере концептуалната рамка на финансиските извештаи затоа што ги дава потребните карактеристични финансиски информации кои помагаат во одлучувањето (независно дали тоа се однесува на одлука за инвестирање или други економски одлуки).

Откако ќе се обезбедат здрави политики, процеси и системи, финансиската анализа ги обработува податоците од секој финансиски извештај, ја проценува нивната оправданост или ги бара нелогичностите кои може да произлезат од неправилната финансиска евиденција. Резултатот од финансиската анализа се извештаите со анализирани финансиски показатели и консолидирани финансиски извештаи. Со таква поставеност на една, навидум, тешка и трома структура на подготовка, контрола и анализа на финансиските извештаи само се обезбедува сигурност на врвниот менаџмент дека засновајќи ја својата одлука на финансиските извештаи за деловниот субјект ја донесува вистинската одлука за неговата иднина.

Најголема и најважна улога во анализата на финансиските извештаи имаат одделенијата за интерна контрола и квалитет, кои покрај редовните финансиски ревизии (кои вообичано се од екстерни ревизорски куќи), спроведуваат интерни ревизии на системите и процедурите со цел да се осигураат дека секој од нив ги користи најдобрите практики за деловно работење кои се на располагање на пазарот.

Авторката е финансиски директор на EOS Matrix Македонија и предавач на обуката “Финансиските изврештаи како алатка за деловно одлучување“


Капитал Академија на 4-5 ноември 2011 година организира дводневна работилница на тема: “Финансиски извештаи како алатка за деловно одлучување - подготовка и анализа“, на која учесниците ќе разработуваат сет на алатки за подготовка на финансиски извештаи корисни во процесот на одлучување, ќе добијат насоки како правилно да ги читаат извештаите, како да потенцираат и дефинираат одредени показатели од анализата и како правилно да ги толкуваат добиените заклучоци. Учесниците ќе добијат готови модели на финансиски извештаи, усогласени со најновите законски измени, кои лесно може да ги прилагодат кон своите потреби.

Предавач на работилницата наменета за финансиски менаџери, сметководители, лица кои подготвуваат финансиски извештаи и анализи, сопственици на компании и претприемачи е Катерина Бошевска, финансиски директор на EOS Matrix Македонија и финансиски консултант за Источна Европа. Ангажирана е како надворешен соработник и тренер-обучувач за теми од областа на финансиски менаџмент од реномирани тренинг агенции-консултантски куќи.

Повеќе информации



КОМЕНТАРИ

Коментирај

КАПИТАЛ ИЗДАНИЈА

Explanation
Дневен 426
Магазин 632



Дневен 426 Магазин 632