Вести - Култура
1054 0

Со 200 метри материјал и многу енергија – така се подготвува една од најголемите маски за струмичкиот карневал

Десет години лидери на струмичкиот карневал. Заедно со уште две групи вљубеници во струмичката традиција, ги поставија темелите на модерниот карневал. Изработуваат егзотични маски, необични творби. Дење и ноќе работат рачно, невидена енергија ги понесува овие луѓе. Се викаат „Ѕвезден град“, а љубовта кон карневалот ја озакониле и со здружение под чија капа настапуваат на карневалите низ Европа.

„Енергијата најпрво ја црпевме од нашето лично задоволство, забава, така почнавме пред десет години. Но веќе со здружението стекнавме и сериозност и одговорност, да се држиме до традицијата“, вели Столе Ефтимов, член на здружение „Ѕвезден град“.

Работното ателје им е начичкано со луѓе од сите возрасти. Подмладокот годинава ќе биде на чело на маската. Скиците се на ѕидовите, материјалите на мегдан, многу труд за уникатното доживување.

„Годинава сме во проширен состав, околу 40 членови, затоа почнавме порано со работа, да стасаме навреме. Откако ја дефиниравме идејата купувавме материјали, па за сите маски околу двесте метри ќе потрошиме“, вели Ефтимов.

„Ѕвезден град“ ја пренесуваат традицијата на карневалот создаван со векови. Кога започнал? Никој не знае. Првите пишани извори се
од отоманскиот патеписец Евлија Челебија, кој во 1670 година поминал низ Уструмџа и запишал: Дојдов во еден град послан во полите на еден висок баир и видов како таа ноќ маскирани луѓе претрчуваа од куќа во куќа низ смеа, писок и песна. Годинава карневалот е закажан за 25 февруари.

Сузана Мицева

09.02.2012, 10:27


Поврзани вести