Последна промена пред 43 секунди | Среда 23 Јануари 2013 | 12 0
http://images.plusinfo.mk/kolumnisti/Grcev mala (3).jpg

Новиот фашизам во Македонија на почетокот на 21. век

  • Мирослав Грчев

  • Прочитано: 3906
  • 15.10.2012
Сподели со твоите пријатели!

КОИ СЕ ЗНАЦИТЕ НА ФАШИЗМОТ ВО МАКЕДОНИЈА?

Jасните знаци на инсталирањето на еден недемократски, авторитарен и тоталитаристички систем, кои последниве години како црна тиња ја плават Македонија, малкумина ги препознаа како фашизам. За да го олеснам препознавањето на новиот македонски фашизам, во повеќе прилики укажував на неговите архитектонски симптоми во „проектот Скопје 2014“. Бев убеден дека препознавањето на вистинската природа на режимот на ДПМНЕ е неизбежно кога со промените на урбанистичките планови на центарот на Скопје се појавија првите кристално јасни и агресивни знаци за типично фашизоидно помрачување на умот на државниот врв. Зарем не е очигледно дека помпезните градителски зафати во центарот на Скопје, според својата психопатолошка „архитектонска обработка“, наликуваат единствено на мрачните градби изградени од други тоталитарни фашизоидни режими!?
Бесмислените колонади на брегот на Вардар се како намалена панаѓурска верзија на Хитлеровите - моќни и застрашувачки - но исто така празни, здодевни и грди колонади. Мислев дека „читањето“ на архитектурата е лесно и очигледно за сите, зашто таму владее емпириското правило на хомологија помеѓу општествата и градбите, па кога градбите од „Скопје 2014“ се очигледно и несомнено фашизоидни, таков мора да е и режимот што ги гради. Испадна, меѓутоа, дека широкото препознавање на фашизоидните својства на режимот на ДПМНЕ изостана, било поради менталната инерција на луѓето, било поради неспремноста да се претпостави дека фашизмот е воопшто можна политичка опција денес, било поради зашеметеноста од заглушувачката пропаганда.

Денес е веќе нереално да се очекува широкото препознавање на фашизоидната природа на режимот на ДПМНЕ во јавноста, затоа што режимот веќе повеќе од година дена воведе цврста контрола над целиот медиумски простор. А, препознавањето на веќе инсталираниот фашизам од страна на институциите на системот е само по себе невозможно, зашто токму институциите се во рацете на фашизоидниот режим, кој се затскрива зад нивната празна демократска форма. Од друга страна, препознавањето на системската појава на фашизмот е отежнато и со погрешните претпоставки дека тој е историска појава со која светот се пресмета во Втората светска војна и дека неговото појавување оттогаш е врзано главно за маргиналните неонацистички партии или профашистички деликвентски групации кои си ги бричат главите и мафтаат со свастики.

ЗОШТО МАКЕДОНСКИОТ ФАШИЗАМ Е КРИПТОФАШИЗАМ?

Најважното што денес мора да се знае за фашизмот, е дека тој не само што не е мртов, туку е во подем и тоа во глобални размери. Фашизмот  ја исполнува идеолошката празнина која остана по глобалната пропаст на левите движења и настапува во бранот на антикомунистичкиот триумфализам, преоблечен најчесто како десно ориентирана демократска политичка опција. Денешните форми на фашизмот се мимикрични – тие ги одбегнуваат сите познати агресивни знаци и појави на историските наци-фашизми, и се преправаат дека се демократски појави. Базичните својства на денешните мимикрични фашизми се идентични како и кај „победените“ фашизми од 20-иот век: тоа се ултранационализмот, расизмот и шовинизмот, стопувањето на трите власти во една субординирана, тоталитаристичка контрола на сите аспекти на животот, а особено на масмедиумите, електронските комуникации и приватните податоци, ерозија на човековите и граѓанските права, воведување на стравот, сервилноста, денунцирањето и автоцензурата како обрасци на живеењето, воспоставување на национално чувство на супериорност и кохезија со промена на идентитетот на нацијата врз основа на нејзиното херојско митолошко минато итн. Сите овие својства современите фашизми ги реализираат без да се наруши демократската процедуралност и надворешната институционална форма која им служи како декорација или маска: нивното инсталирање се врши токму со истиснување на демократската, правната и уставната смисла и функција од институциите на системот и, потоа, со нивно тивко исполнување со новата фашистоидна субординативност.

Вака престорениот фашизам денес се нарекува со поимите: национализам, традиционализам, патриотизам, корпоратизам, клиентелизам, популизам и уште многу други еуфемизми, само да не се нарече со неговото вистинско генеричко име. 

КАКО СЕ ИНСТАЛИРА НОВИОТ ФАШИЗАМ?

Кога во едно современо општество демократијата ќе падне во криза, а тоа денес во најголем обем им се случува на „младите“ постсоцијалистички демократии, но, во помал обем, и на „старите“ идејно потрошени демократии, ослабениот демократски имунитет овозможува да се развие некоја форма на фашизмот. Овој, потоа, кај демократиите со најслаб имунитет станува вирулентен, доаѓа на власт и однатре ги уништува институциите на демократската држава. На крајот од инсталацијата на овој невидлив фашизоиден систем, кој ја црпи легалната сила под формалната закрила на важечкиот Устав, режимот воспоставува неформален (и, се разбира, неуставен) систем на тоталитарна субординација и почнува да го користи одбранбениот апарат на државата – судството, органите за прогон, инспекциите и тајните служби, против граѓаните наместо во нивна заштита.

На тој начин, како патоген, фашизмот и денес живее како опачина на демократијата и делува како нејзина автоимуна болест. Фашизмот е и ден денес дежурната закана за секој систем на либералната капиталистичка парламентарна демократија, затоа што настанал како нејзина хистерична, но инхерентна реакција во одбрана од комунизмот. Поради тоа, помеѓу радикално антикомунистичката реторика и појавата на мислењето својствено на наци-фашизмот скоро да не може да се направи јасна дистинкција.

Затоа, погрешно е денес фашизмот во Македонија да се бара во неформалните и илегалните испади во слава на милитантните фашизми од минатото, а ниту пак во лажните формални изјави на режимот или во празните програмски декларации на партијата на власт. Исто толку залудно би било да бараме свастики во партиските инсигнии, како и јуришни паравоени одреди или концентрациони логори. Сите фашизми на 21-иот век се прилагодија на посакуваниот имиџ и коњунктура на овој историски момент: сите тие денес се „заколнати“ демократии. Нивното препознавање, поради тоа, не е можно преку нивните програми или зборови - кои се најчесто лага - туку преку нивните дела. Па и кога делата се во прашање, македонскиот фашизам е особено затскриен, срамежлив и плашлив. Тој е практично криптофашизам. Создавањето на лажна слика за себе, како кај сите мимикрични животинки, е неговата најважна дарвинска способност во борбата за опстанок. Но, кога лажењето и маскирањето - кои во почетокот имале функција на затскривање - ќе станат опсесивни и бизарни, тие се претвораат во знаци за неговото препознавање. Опсесијата со саморекламирањето, непрекидните кампањи, корумпирањето и контролата на сите медиуми кои ја создаваат сликата во јавноста и градењето фашистоидни архитектонски кулиси... се се тоа јасни знаци на македонскиот криптофашизам. 

ВО КОИ КЛУЧНИ ОКОЛНОСТИ СЕ ПОЈАВУВА ФАШИЗМОТ?

Фашизмот е системска болест од која, во одредени историски околности, може да оболи секое општество. Споредувањето на историските околности кои придонеле за појавата на фашизмот, е единствената метода за неговото препознавање и рано дијагностицирање. Така, споредбата на околностите кои ги вовлекле Италија и Германија во нивните фашизми, со историските околности во Македонија во последната деценија, нуди лесно забележливи и загрижувачки сличности. 
Клучни околности за појавата на малигните фашизми во 20-ите години од минатиот век беа: распаѓањето на европските империи кое предизвика масовно чувство на историски дисконтинуитет и криза на националните идентитети, колективните национални фрустрации поради поразите во светската војна, растечката економска криза и сиромаштија и разочарувањето од неуспешноста на либералната демократија да обезбеди решение за сите овие проблеми.
На Македонците им се случи токму истото: историски дисконтинуитет со распаѓањето на југословенската федерација и индуцирана криза на идентитетот, фрустрација и понижување од срамно изгубената војна со албанските востаници во 2001 година, предолгото економско пропаѓање и сиромаштија, како и разочарувањето во демократските механизми во процесот на транзицијата. Сличните историски околности, како по некое фаталистичко сценарио, ги донесоа нашите автохтони фашисти на власт. Точно како според извиканиот цитат: трагедијата на фашизмот се повтори во Македонија во форма на фарса.

ПОСТОЈАТ ЛИ КЛУЧНИ МАТЕРИЈАЛНИ ДОКАЗИ ЗА ФАШИЗМОТ ВО МАКЕДОНИЈА?

Огромниот споменик на Александар III Македонски на скопскиот плоштад е клучен доказ за фашизоидноста на режимот на ДПМНЕ, зашто, и покрај апсолутниот недостиг на какви било податоци за нашите крвни или територијални наследства од Александар, единствениот извор на слепата верба во нашето античко потекло е мистичната врска помеѓу крвта и земјата македонска, која ДПМНЕ ја претвори во државна идеологија. Целокупната „антиквизација“ на нашата етногенеза, историја, национален идентитет и државен континуитет, со спомениците на Александар и татко му на чело на колоната, се темели единствено на слепата верба во органската врска помеѓу „светата земја македонска“, натчовечкото потекло од полубожеството Александар Велики и „вечното име македонско“.
Се работи за идеологија на „крвта и земјата“, или на германски Blut und Boden, што е идеологија која ја потенцира врската помеѓу потеклото на луѓето (крв) и територијата што ја населуваат (земја). Оваа идеологија се појави кон крајот на 19-иот век како основен мотив на германскиот национал романтизам, а подоцна стана основна супстанца на германскиот расизам, антисемитизам и нацизам. Национализмите кои се темелат на концептот на крвта и земјата се оние најдеструктивните, затоа што го форсираат смртоносниот концепт на етнички нации чијашто врзаност за тлото им дава „старосна предност“ над другите народи и им создава илузија на супериорност само затоа што се родиле со некое име на некакво парче земја.
Идеологијата која ги слави Александар III Македонски и Филип II како татковци на современата македонска нација е идеологија на ултранационализмот или палингенетскиот ултранационализам, кој е генеричко својство на секој фашизам, зашто со помош на идеологијата на палингенезата или „преродбата“, нацијата се втемелува врз нејзиното „митскo јадро“.

Сите есенцијално фашистички елементи на преродбеничкиот национализам се присутни во идеологијата и практикувањето на власта на режимот на Груевски: Митот за херојската генеза на народот од таткото Александар III Македонски и расната супериорност на неговите разбудени и преродени потомци; Шовинизмот кој ги дели Македонците на словенски и антички; Ултранационализмот кој го прави невозможен меѓуетничкиот соживот и паранојата која не изолира и не оддалечува од соседите и од светот; Ноторно еугеничките државни проекти за етнички селективното стимулирање на трето дете, тоталитарните и авторитарните практики на владеење, контролата на медиумите и заглушувачката пропаганда, ерозијата на човековите права и слободи и уште многу својства на фашизмот кои произлегуваат од идеологијата на крвта и земјата.

ЗОШТО Е СОВРЕМЕНИОТ ФАШИЗАМ НЕПРЕПОЗНАЕН ВО ЈАВНОСТА?

Факт е дека илузиите, колку и да се невистинити или погрешни, имаат поголема моќ на убедување отколку сликата што човек ја гледа со голи очи, а вербата во овие лаги обично сосем го онеспособува здравиот разум. Како инаку да се објасни хроничната неспособност на народите да ги препознаат очигледните знаци за подем на фашизмот во нивните земји? Како да се објасни што режимот на Груевски се уште „проаѓа“ како нефункционална и проблематична демократија, а не како успешна нова форма на немилитантен провинциски фашизам спакуван во демократска амбалажа?

Неспособноста да се препознае смртоносниот амалгам на тоталитаризмот, национализмот, расизмот и популизмот (кој до пред триесет години без никаков проблем генерички се нарекуваше фашизам), како да е историска константа. Сведоците на глобалниот подем на фашизмот од првата половина на дваесеттиот век кажуваат дека се работи за вид на колективна психоза, еден вид епидемиски колапс на рационалната мисла. Интересно е што за воведување на народите во овој ирационален транс, фашизмот секогаш ја ползува истата, до болка едноставна рецептура. Кога врз понижувачкото  чувство на инфериорност и разочарувањето во демократијата, ќе „легнат“ лековитите зборови на измислената национална херојска митологија и расизмот преоблечен во националистички патриотизам, се што е ирационално во една земја избива на површината, а се што е рационално: разумот, знаењето и искуството, се повлекува и замолчува во страв или опортунизам, апатија или отапеност. Тоа е успешната формула на секој фашизам, а тоа ни се случи и нам во Македонија под режимот на Груевски.

На оваа болест на демократијата, на овој инфаркт на општествената памет, како да не постои природна отпорност. Ерих Фром, на пример, тврди (и сведочи) дека италијанскиот фашизам и германскиот нацизам ги затекнале политичките, капиталистичките и интелектуалните елити на двата моќни, цивилизирани и културни народи, теоретски и практично потполно неспремни да го препознаат и да му се спротивстават на злото.
Денес, спротивно од очекуваното, неспремностa на општествата да ги препознаваат своите фашизми е уште понагласена, зашто денешните фашизми се мимикрични: тие ја отфрлија милитантната агресивност, нагласениот антисемитизам и препознатливите реторики и симболи на големите учители од дваесеттиот век и се маскираа со флоскули од либерално капиталистичката идеологија и со општоприфатената демократска фразеологија.

Македонскиот фашизам, на пример, кој е маскиран како млада вдовица, во црн и заводлив демохристијански тил, се инсталираше во нашата земја тивко, со мирен уставен пуч. Тоа се случи набргу по освојувањето  на власта на демократски избори и пред очите на целата нација - но без нејзино знаење. Затоа, поголемиот дел од измаменото население се уште мисли дека живееме во проблематична демократија. А, тоа што со свои очи гледаме дека институциите во Република Македонија се веќе празни згради, сосем исчистени од нивната уставно-правна супстанца, како мртви морски школки кои сега ги зазеле натрапници што цел живот талкале по дното, тоа, велам, што овој срамежлив фашизам секој ден го гледаме со голи очи не е доволно убедливо да ја демантира претходно создадената слика и навика дека сме демократија.

КАКО МОЖЕВМЕ ДА ЗАБОРАВИМЕ НА НАШАТА АНТИФАШИСТИЧКА ДРЖАВНА И НАЦИОНАЛНА ГЕНЕЗА?

Очигледно е дека инсталацијата на фашизоиден режим ни се случи (и) затоа што препознавањето и вистинската одлучна и бескомпромисна реакција на првите и најочигледните симптоми на фашизмот во Македонија во потполност изостанаа! Систематското бришење на антифашистичкото потекло и историја на Македонија од страна на власта на ДПМНЕ, како и уништувањето на спомениците на вистинските македонски херои кои загинаа борејќи се против фашизмот, што беше изведено како бедна и кукавичка одмазда на потомците на победените во ослободителната антифашистичка војна врз споменот на загинатите победници, не го подигнаа општеството во антифашистичка акција. До скоро незамисливото рехабилитирање и славење на вмровските фашисти, што е преочигледен знак дека се работи за реставрација на ванчомихајловистичкиот фашизам во Македонија, исто така предизвика спорадични реакции. Човек би помислил дека сите бурно ќе реагираме на политиката на Груевски која со проѕирен антикомунизам го затскрива својот изворен анти-антифашизам, што ќе рече – фашизам, но не испадна така. Зашто, според логиката на историските детерминанти, ние Македонците би требало да бидеме хиперосетливи на фашизоидните смрдеи, најмногу поради фактот што нашата татковина потекнува од антифашистичката борба. А, ние сме тоа што сме, токму и единствено поради победата над фашизмот во таа борба.

Па, како беше можно да дозволиме „без испукан куршум“ денес да се поништат суштинските придобивки на антифашистичката борба во Втората светска војна?

Веројатно е дека на уставниот пуч што го изведе Груевски, „невидливоста“ му ја обезбеди лажливата политичка пракса, незаконската пропаганда и егзистенцијалниот страв што режимот им го втера во коски на граѓаните за да ја спречи евентуалната социјалната реакција. Од друга страна, пучот го изведе армија на ништожници кои непогрешно го препознаваат моментот на слабост на општеството и масовно излазуваат од темните дупки и пукнатини, каде се криеле во периодот додека владеел поредокот и уредените вредносни системи. Отсуството на препознавањето и одлучната антифашистичка реакција на првите појави на реставрација на фашизмот во Македонија го овозможи нивното метастазирање во сите институции на власта.

Конечно, веќе инсталираниот фашизоиден режим постигна еден вид тоталитарна  хомогеност, особено во просторот на електронските медиуми, кај кои контролата ја изведе со партиска сопственост, гангстерска коалиција и државна закана. И кај нас, како и кај другите тоталитарни режими, основната стратегија на медиумската пропаганда е создавањето на лажна политичка стварност, а тоа најдобро се постигнува со создавање на страв, потчинетост и затапеност кај населението, како и челична автоцензура кај „независните“ медиуми. На тој начин ДПМНЕ завладеа не само со јавниот медиумски простор, туку и со уморните души на граѓаните, па конверзијата на грдата секојдневна реалност во лажен преродбенички рај со мирис на рози и момини солзи, се обезбедува со тоталитаристичка злоупотреба на медиумите според формулите на нивниот Учител (вистинскиот фирер), кој рекол: „Со вешта и упорна пропаганда, можеме луѓето да ги наведеме рајот да го сметаат за пекол, а крајно мизерниот живот за рај“.

 

 

 

 

Објавено: 18.10.2012 12:09

okor:

Se poblisku sme da ni se sluci *narodot*. Prekrasen tekst kade kako slika na najdobrite svetski slikari, vo tekstot naslikana e so zborovi denesnata fasisticka situacija vo vremeto na vladeenjeto na dpmne i gwujo

Објавено: 16.10.2012 07:09

Петре2:

Колумната претставува одлична анализа на сосотојбата во која се наоѓаме. Прашањето е како до излез од таа состојба? Практично единствен фактор кој во секое време може да го здрма режимот е албанскиот, но на актуелниот партнер му одговара статус кво. Значи или напрвите наредни избори народот да се РАЗБУДИ-со гласање, или ќе ни се СЛУЧИ НАРОД

Објавено: 16.10.2012 04:22

Хајнрих Химл.:

Одличен текст, но авторот мора да сфати дека народната толпа размислува или поточно ја тераат да размислува на поинаков начин. Авторот своите сознанија и ставови би требало да ги представи со крајно упростен речник и сликовни споредби за да народот може да го разбере, прифати и се разбуди од стегите на македо-фашизмот! Од ДПМНЕ можете многу да научите, само треба нивните методи да ги искористите за позитивното а не за негативното како што тие прават - а народот тоа не го гледа за жал.

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:
/style/images/intervju-title.jpg

Уметникот треба да е дежурно око за општествените аномалии!

http://images.plusinfo.mk/kolumnisti/zoja buzalkovska.jpg Објавено: пред 04.01.2013 12:30
Прочитано: 7191

Зоја Бузалковска