понеделник, 26 август 2013 | Вести: 1

Путин најавува заштитни мерки против Украина

606x341_229732_putin-snowden-in-russia-will-not-bАко Украина го потпише договорот за поврзување со ЕУ, односно тргне кон либерализација на царинскиот режим со Унијата, постои можност Царинската унија на Русија, Казахстан и Белорусија да преземат „заштитни мерки„ порача Владимир Путин. Тој смета дека, ако се либерализира постоечкиот царински режим меѓу Украина и ЕУ, украинскиот пазар ќе биде преплавен со квалитетни и ефтини европски производи што негативно ќе влијае и на руските производители.

-Тоа би можело да ги стави нашите производители во многу тешка положба- рече Путин.

Русија веќе ја предупреди Украина минатата недела дека Москва ќе ја зајакне контролата на украинските производи во случај да потпише „самоубиствен„ договор за поврзување со ЕУ.

Москва веќе неколку години се обидува да ја убеди Украина да се одврати од Европа и да и се придружи на Царинската унија.

Украина се надева дека во ноември ќе потпише договор за поврзување со ЕУ.

Потпишувањето на договорот е одложено повеќе пати поради затворање на поранешната премиерка Јулија Тимошенко, осудена поради злоупотреба на службената положба, додека ЕУ смета дека пресудата е дел од политички прогон.