КОНТРА ЕНТРОПИЈА

декември 1, 2012

Стандардниот модел е сепак стандард… можеби

И покрај тоа што многумина ја критикуваа изградбата на големиот хадронски судирач (LHC) во CERN и ширеа апокаллиптични сценарија која тој за прв пат проработе, се чини дека машината ги оправдува големите средства кои беа вложени во нејзината изградба.

Не само што CERN е место каде работат илјадници луѓе, а тоа значи и дека парите кои таму се трошат се враќаат назад во „економијата“ (не се спалуваат во некоја висока печка како што понекогаш противниците на науката прават да изгледа), туку местото е и рассадник на таленти и осигурување против зачеток на надолен тренд во науката, нешто кое е екстремно опасно ако се знае колку модерниов свет има потреба од развој и употреба на рациото при носење на планетрано важни одлуки, а не од догма и суеверие.

Пред некој месец LHC објави значајно откритие, дека конечно е потврдено постоењето на елементарна честичка која ги има особините очекувани да ги има Хигс бозонот, и тоа оној вид кој би постоел ако стандардниот модел (кој е основа на сета модерна физика) важи. Овој факт разочара некои, а некои се израдуваа, во зависност од своите ставови кон објективната реалност (но ставовите не се исто што и таа реалност, ова треба секогаш да го имаме во предвид).

Како фуснота, овде би вредело да се спомене тоа дека Хигс бозонот е одговорен за масата на елементарните честички, но не и за масата на луѓето, дрвата, итн. Ние ја добиваме својата маса од збирот на атоми во нас, а пак нивната маса најповеќе зависи од масата на нивните јадра во кои со лавовски дел учествува масата (енергијата) на силната нуклеарна сила, чии што носители не се под влијание на хигсовото поле.

Пред некоја недела, уште една објава од LHC помина речиси незабележано, а тоа е фактот дека еден од експериментите детектира дека една посебна реакција на распад на честички се одвива многу почесто отколку што би требало ако во светот на елементарни честички постои супер симетрија (SUSY). SUSY е потребна за да се објаснат некои теориски очекувања кои произлегоа со тек на времето.

Овие два резултати изгледа посочуваат на фактот дека светот на елементарните честички е опишан од стандардниот модел, а и на фактот дека изгледа ќе треба за заборавиме на супер симетријата како нешто кое би можело да ги реши одредени теориски проблеми. Значи, мора да се пронајде друг начин, можеби некоја измена на стандардниот модел која би одговарала на сите овие мерења… нешто што не е воопшто лесно.

Мислам дека има причина за радост. Не е потврдено постоењето на егзотична физика, супер симетријата се ниша, но сево ова значи дека од една страна сме биле во право во врска со стандардниот модел, а сепак сеуште не го разбираме во целост. Е тоа е возбудливо.

Демо-кратија и човекови права

Колку често би требало интелектуалците (оние чии труд се состои пред се во тоа што го користат интелектот во секојдневната работа) да пишуваат и коментираат за општествените состојби, појави и актуелности? Дали ако си речеме дека работите отишле предалеку, дека џабе е се што ќе речеме, дека немаме пристап до поширока публика која би не исслушала (и покрај социјалните мрежи со нивните најчесто само фолоу и лајк) сме постапиле правилно? Мислам дека не, и мислам дека барем повремено би требало да оставиме каков – таков запис за она што го мислиме.

Значи, што се случува на Балканот и посебно во Македонија? Дури и кога човек живее во странство, невозможно е да не се забележи и реагира на големината на тој театар на апсурдот во кој статираат милиони, глумат некои елити, а режираат натплатени мешетари, газди на кучињата на војната.

Имам право да мислам така, затоа што после последните акции на судот во Хаг, кој судеше за она што се случи во текот на распаѓањето на Југославија (и потоа, во случајот со Македонија) апсурдот се крена на уште повисоко ниво.

Тоа се совпадна со прославата на знамето на Албанците кои се собраа да слават во Македонија пред се (папокот на Балканот, ако не на светот), и синхронизирано испратија пораки со воен призвук, кои овојпат не се ни трудеа да го прикријат. Можеби е така подобро, во театарот да паднат маските. Се слушна дека претседател на комшиска држава е за обединување на своите, а другите можат да одат по ѓаволите, претседател на верска заедница мисли дека таа вера ја исповедаат само Албанци.  Меѓународните режисери на претставата овојпат за чудо не суфлираа, туку си молчеа.

И, што да прават Македонците? Да ќутат, оти има и полошо? Да се обидат да спасат нешто, да се повикаат на разум? Да се фатат на јадицата и да станат насилни?

Македонската држава по многу што е специфична на Балканот. Може да се покаже дека е нај мултиетничка и мултикултурна (а не е сеуште политички близнак на Босна), истовремено и нестабилна (а сеуште не федерална), но дискутабилно е дали таа нестабилност е резултат само на мулти-етничноста или тука има уште некои фактори кои сценаристот и режисерот ги уфрлиле заради динамика и заради тоа да се осигураат дека претставата која ја режираат всушност нема никогаш да излезе од фазата на проби; имено оваа претстава постојано е во проба / игра, нема премиера, а сценариото се менува континуирано. Впрочем, така и треба, инаку сценаристите и режисерите би останале без работа. Тоа е сосем друга приказна.

Маневарскиот простор на мојата држава (по пасош) е стеснет до немајкаде и се чини дека не постојат ниту политички ниту институционални капацитети да се промени нешто. А македонците се инертни по природа за масовно да протестираат (одвај се собираат на протести и кога струјата поскапува а камо ли кога треба да се протестира за вакви заплеткани работи) или премногу лојални на својот клан / партија за да го нишаат кајчето кое пропушта вода од сите закрпи. Истовремено, елитите не можат многу да отстапат од она што сценаристите и режисерите го диктираат, сите живеат на кредити од кои зависи социјалната стабилност и комоцијата на тие локални елити.

Па, што да се прави? Не би било лошо на некое ниво да се продискутира за тоа каква држава сакаме да биде Македонија. Национална држава на македонскиот народ? Добро звучи, и со оглед на тоа каде се наоѓа Македонија, можеби тоа е и најоптимално. Нивото на човекови права и така е на сосема добро ниво, па секое малцинство си има загарантирани права. Уставот би требало да се промени, исто како и насила скроената територијална делба, а тоа ќе оди екстремно тешко, но не е и невозможно ако има единство, кое за жал го нема.

Мислам дека прв и најефективен чекор би бил некоја граѓанска иницијатива (Ленка, некое ново движење) да започне со иницијатива за промена на законот кој ги регулира политичките партии. Да се пропише со закон дека партиите може да се организираат само врз идеолошка и програмска основа, и со закон да се пропише квота на застапеност на партиски членови кои припаѓаат на македонскиот народ и на малцинствата. Со тоа би исчезнале партиите кои де факто се базирани на етничка припадност. За Македонија каква што е денес, мислам дека ова би имало подалекусежни позитивни последици отколку што тоа се чини на прв поглед.

Ако Македонците пак се толку загрижени што се случува со државата, како тоа да нема веб портали посветени на дискусија на македонското прашање и интереси? Не мислам на форуми, блогови, и сајтови на весниции или неделници, или сајтови на дијаспора, туку веб присуство каде е јасно која платформа се брани, каде пишуваат паметни луѓе кои имаат што да кажат и тоа редовно. Не сајтови кои го мешаат ова со забавни содржини, па на крајот се личи пак на сајт на некој неделник. Јас такво веб присуство немам забележено, а мислам дека е потребно. А можеби тоа не е според сценариото?

септември 16, 2012

АМАН, АМИН

Зачувано под: локално, општество —Tagged , , — virial @ 1:49 pm

Одговор на писмо од пријател:

Си мислев да пишувам за ова на блог, ама немам време, а и желбата ми е се помала. Верата е прашање на лично искуство, некои велат и дека граничи со ментална болест, така што мислам дека со убедување и резонирање нема многу што да се смени.

Она што повеќе ме интересира е зошто токму сега и на ваков начин. Настрана што ректорот е послушник на некои сиви еминенции, туку сево ова е налик на инцидентот „Слупчане“ (како што забележавте) и како настаниве со филмот кој го запали блискиот исток. Тукушто мислите дека се смирило секојдневието, се јавува нов настан кој е побизарен од претходниот, па и несакајќи ќе се запрашаме дали е се спонтано, бидејќи бизарното е толку видливо, што чиста случајност или незнаење веќе не е доволно објаснување. И сево ова се случува додека АМАН протестира а во собранието поминува закон кој ги проширува надлежностите на полицијата за користење на прислужкувањето како алат во спроведување на истрага. Ако некој ги замислил тековниве бизарности во Македонија како шум кој ќе го покрие народното незадоволство или кој ќе дефокусира, не ни морал да се труди, оти ако е и малку аналитичен би знаел дека народов и без тоа е западнат во тешка апатија. Бидејќи учествував и на протестите организирани од АМАН во Битола, знам дека е „5 до 12“ кога луѓе што на смеа што за озбилно велат дека не сакале „да ги фати камера“ дека се со оние кои протестираат… и тоа за работи кои директно влијаат на нивниот секојдневен живот. Не дај боже (ха, ха) да треба да се излезе на протест за преиспитување на политичкиот систем, или за да се вика дека царот (на Кале во Скопје) е гол. Тогаш би било штама. Нејсе, не сум во Македонија, а понекогаш и оддалеку најдобро се гледа колку сме бедни на Балканот, потонати во нашите шовинизми, кукли на конец и со пусто турско во нашиот ИД и на телевизиите. Во тој контекст можеби сево ова има и смисол, можеби и ректорот ректор и господинот господин на некое ниво разбираат дека само бог или Бог може да помогне. А тие секако се откажале и од обид и од мисла за самопомош, тоа е очигледно. И додека на господинот господин може и да му простиме, оти тоа е во описот на неговото работно место, ректорот ректор можеме само да го сожалуваме, оти ако го прави тоа што го прави одошто мора, не му е ич лесно. А ако го прави тоа што го прави затоа што сака, тогаш навистина е за жалење, тој, и целиот УКИМ заедно со него. И сите студенти, кои пак не реагираа, и иднината на Македонија, која додека мудрите глави веруваат дека ја спасуваат, ита кон мракот на догмите. АМИН. (Си мислам дека сепак писаниево ќе оди на блог, кога веќе толку се издолжи).

септември 10, 2012

Магла околу Кокино

Зачувано под: локално, наука, општество —Tagged , , — virial @ 10:38 pm

По којзнае кој пат си пишувам за Кокино и којзнае, можеби ќе допрам до свеста на тие што ќе прочитаат за конечно да се почне со мислење а не со некритично прифаќање на „факти“. Ме поттикна најновиот напис во „Нова Македонија“ од 6 септември 2012.

Накратко: Р. Македонија поднесе барање до ICOMOS, за Кокино да се впише во листата на светско културно наследство како мегалитска (архео-астрономска) опсерваторија. Барањето е поткрепено со образложение базирано на извршени теренски истражувања.

ICOMOS на одржаниот состанок во Петроград го одбива барањето, и во опширен извештај наведува дека методите користени во презентираните теренски истражувања се застарени, дека не е докажано оти Кокино е опсерваторија, дека несоодветно се менаџира со него, дека… поопширно пишував за тоа во претходниот пост. Кој сака, нека чита (почнувајќи од страна 262).

И, наместо луѓето кои се одговорни за нестручната подготовка на барањето да се позамислат и извлечат поука од ова (најмалку што може да се бара од нив), тие без пардон изјавуваат нешта како (цитати извадени од веста во НМ):

НМ: „- ИКОМОС не утврдува дали Кокино е мегалитска опсерваторија или не, но бара темелни докази и тврдења дека тоа е така. Оценивме дека во нашата номинација не се презентирани сите потребни елементи и поради тоа во оваа фаза е подобро Кокино да не се впишува во листата на светското културно наследство на УНЕСКО. За идната номинација бараме дополнителни податоци од Министерството за култура и од Управата за заштита на културно наследство, кои стојат зад номинацијата – вели Зоран Павлов, претседател на Националниот комитет на ИКОМОС.“

- Чиста невистина. Од извештајот на ICOMOS јасно може да се види и прочита дека ICOMOS баш одлучил дека Кокино моментално не може да се смета за опсерваторија (не е ни мегалитски локалитет, а луѓето упорно го туркаат и тоа, ама нема врска, нели). И внимавајте, сме имале национален комитет на ICOMOS кој очигледно ич не се грижи за професионалност и ниво, па наместо да читаат што им пишува „централата“, и понатаму се залажуваат дека тие решиле Кокино да не се впишува во листата на светско културно наследство. Потоп. Ништо не сте решиле вие, туку јасно стои дека ICOMOS решил оти не ви го бива барањето. Аман веќе.

НМ: „Тој додава дека во консултации со УНЕСКО одлучиле да ја повлечат номинацијата…“

- Јас никаде не видов повлечена номинација, туку видов извештај на ICOMOS кој се базира на расправа по номинација и кој заклучува дека номинацијата е слаба.

НМ: „Тој вели дека експертизата за следната номинација ќе ја вршат врвни домашни и странски експерти од различни области.“

- Супер. Од кои области? Оти во извештајот на ICOMOS пишува дека во номинацијата на Р. Македонија е наведено оти таа располага со 6 архео астрономи базирани во Куманово и 2 во Скопје. Молам?! Толку архео астрономи нема во светски рамки. Само да не бидат врвни експертиве како што се врвни и бројкиве истресени од ракав.

НМ: „Според археологот Јовица Станковски, директор на Музејот-Куманово, човекот што практично го „откри“ Кокино, воопшто не е спорна научната аргументација за Кокино како мегалитска опсерваторија, туку повеќе станува збор за технички пропусти на локалитетот.

Тој истакнува дека Кокино досега го истражувале повеќе светски врвни астрономи што утврдиле дека Кокино е магелитска опсерваторија.“

- Воопшто не е спорна научната аргументација?! Па во извештајот на ICOMOS во кој СЕ ОДБИВА номинацијата на Кокино ЈАСНО СЕ ВЕЛИ дека според презентираните докази за Кокино НЕ Е ДОКАЖАНО дека е опсерваторија, а не е ни мегалитски локалитет. Дали читаме ист извештај?!

Би било добро врвните експерти да понудат докази барем за мегалитскиот карактер на Кокино.

НМ: „Археолошкиот локалитет Кокино е пронајден во 2001 година. Медиумската фама за Кокино како мегалитска опсерваторија почна од 2005 година наваму, по еден проект на НАСА насловен „Тајмлес нолиџ“. Нашиот локалитет беше вброен помеѓу неколку други веќе научно интерпретирани стари опсерватории од рангот на Стоунхенџ (Велика Британија), Абу Симбел (Египет), Анкор Ват (Камбоџа), Мачу Пикчу (Перу) и други. Овој проект на НАСА беше поводот што го иницираше медиумскиот интерес за опсерваторијата, пред таа да биде докажана и одбранета пред домашната и светската јавност со издржани научни трудови.“

Точно. Медиумска фама иницирана од еден обичен ПОСТЕР кој го изработила канцеларија во ЕДЕН од центрите на НАСА.

НАСА, која не е квалификувана како таква да кажува дали нешто е архео астрономски локалитет, посебно не на постер кој не е авторски потпишан. На страна три од постерот се гледа дека наведените локалитети се нафрлани по случаен избор, а Кокино е вклучено кога авторот (најверојатно) го прочитал еден од трудовите во кои Кокино се промовира како архео астрономски локалитет. Труд кој ICOMOS го оценил како несоодветен, оценка која ја донеле поголеми експерти од авторот на постерот на НАСА.

Пак се покажува дека страдаме од НЕКРИТИЧНОСТ во мислењето. Ако НАСА така рекла, па ајде тогаш да дигаме џева, да поднесуваме номинации врз основа на недоволно истражени наводи. Исто како и во други важни моменти, талкаме во матно. Некој рекол треба да се оди во ЕУ, одиме. Во НАТО, веднаш одиме… Без размислување, без план. Ова зборува и за професионализмот и културата која владее помеѓу научниците во Македонија. Никогаш да не се признае дека можеби она што се работи не соодветствува со фактите. Ако има дискрепанца, толку полошо за фактите…

Секако, медиумите ретко се извинуваат, експертите уште поретко, караванот си врви. Да бидеме начисто, не спорам дека Кокино е археолошки локалитет, тоа е докажано. Дека е опсерваторија НЕ Е ДОКАЖАНО, а сите се „уфилмаа“. И, тоа е тоа.

јули 12, 2012

Кокино, ICOMOS и научниот метод

За археолошкиот локалитет познат како Кокино е пишувано подоста низ мрежата, посебно низ нејзиниот „македонски дел“. Иако е укажувано дека требаат дополнителни истражувања пред да се донесе заклучок дека локалитетот е мегалитска опсерваторија, сепак тој беше несебично промовиран како таков во Македонија и надвор од неа. Како резултат на еуфоричната промоција, некои луѓе на позиција во Македонија започнаа да веруваат дека приказната, а не научните докази се доволни за да Кокино се кандидира да биде впишано во листата на светско културно наследство. ICOMOS, телото одговорно за ова, неодамна одржа конференција во Санкт Претерсбург на која биле донесени неколку заклучоци во врска со поднесениот предлог од страна на Македонија. Предлогот е одбиен. Се решив да цитирам извадоци од официјалниот извештај, за да видиме зошто.

„1. Компаративна анализа:

ICOMOS е на мислење дека компаративната анализа [споредба со други слични локалитети] не го оправдува разгледувањето на овој локалитет за вклучување во листата на светско културно наследство.

2. Целовитост и автентичност

ICOMOS е на мислење дека условите за целовитост и автентичност не се исполнети.

3. Критериуми според кои е предложено запишувањето [културни критериуми]

ICOMOS е на мислење дека овие критериуми не се исполнети.

ICOMOS не смета дека критериумите и исклучителната универзална вредност се исполнети.

4. Фактори кои влијаат на локалитетот.

ICOMOS смета дека најважната закана кон локалитетот потекнува од целосно слободни и неконтролирани туристички посети.

5. Граници

ICOMOS смета дека предложените граници на локалитетот се адекватни, но дека е потребно зголемување на тампон зоната околу локалитетот.

6. Заштита

ICOMOS смета дека воспоставената правна заштита е доволна, но дека засилување на заштитата на околината на локалитетот би била од корист, посебно проширување на тампон зоната околу локалитетот.

7. Конзервација

ICOMOS препорачува воспоставување на програма за конзервација, која би требало да вклучува систематски описен попис на локалитетот, подетална анализа на заканите за конзервација на секоја од компонентите на локалитетот и политика на надзор. Би било корисно да се посвети внимание на влијанието на туризмот како и на еколошката конзервација и конзервацијата на околината на локалитетот.

8. Управување

ICOMOS предлага воспоставување на ефективен систем на управување и на надзорно тело, како и развој на план за управување.

9. Надзор

ICOMOS препорачува дека треба да се дефинира автентичен надзорен систем, и да се назначат лица кои ќе бидат одговорни за нејзино спроведување. Надзорот не е исто што и истражување, и како почетна точка бара составување на детален описен попис на локалитетот.

10. Заклучок

ICOMOS е на мислење дека локалитетот кај Кокино е значаен и добро зачуван пример на висинско светилиште користено во бронзениот период. Врз оваа основа, неспорно е дека е од голема национална и регионална важност. Природниот локалитет исто така дава можност за архео астрономски набљудувања, и хипотезата дека бил користен од страна на луѓето од бронзеното време за таа намена е разумна. Меѓутоа, не е понуден ниту еден археолошки доказ за трајно астрономско користење, базиран врз специјализирано знаење на астрономи – свештеници, директно поврзани со ритуали и култови на светилиштето. Ова се интерпретативни хипотези засновани на парадигми кои биле прифатени во минатото [!] но на кои денес помалку им се верува поради понови меѓународни архео – астрономски истражувања. Исклучителната универзална вредност која се претпоставува во предлогот не е демонстрирана, и локалитетот не ги исполнува предложените критериуми.

Во овој момент не постои јасно дефинирана политика на конзервација и управување на локалитетот и не постои дури ни одговорно тело задолжено за целокупното управување со локалитетот. И додека планот за управување ги зема во предвид потенцијалните проблеми на локалитетот и неговата конзервација, самиот план е само искажување на намера, но не и конкретен чекор.

ICOMOS смета дека е од особена важност да се усвои меѓународен пристап во проучувањето на овој локалитет, според современите стандарди на архео астрономијата кои се поставени од страна на IAU [Меѓународната Астрономска Унија] и ICOMOS.

ICOMOS препорачува архео -астрономскиот локалитет „Кокино“, Република Македонија, да не се запише во светската листа на културно наследство.“

Уверен сум дека секој кој ќе го прочита извештајот во целост, ќе сфати каква грешка е направена со поднесувањето на оваа кандидатура. Вакви работи не смее да се случуваат во иднина, посебно не на државно ниво. Мене посебно во очи ми падна фактот дека во предлогот до ICOMOS е наведено дека во скопје и Куманово има експерти по архео астрономија, вкупно 8 (осум) [!]. Како е ова можно, а во исто време изготвен е сосема лош предлог? Кои се нивните квалификации, експертиза? Кои други архео астрономски локалитети во светот ги истражувале и каде се објавените трудови во списанија со импакт фактор?

јуни 4, 2012

Транзитот на Венера

Зачувано под: наука, општество —— virial @ 5:05 pm

Ве мрзи да читате блог – записи за транзитот на Венера преку Сонцето кој ќе се гледа на изгрејсонце во Среда (06.06.2012)? Сакате малку забава и историја? Тогаш симнете си мало стрипче – на Македонски !! -  или видете ги сите преводи.


naslovna

Благодарност до националниот центар за астрофизика на Индија.

март 17, 2012

Пејоти со сладолед

Зачувано под: општество —— virial @ 6:00 pm

Доколку имате среќа да налетате на пејоти, може да ви се најде рецептов. Пејотите се мескален кактус (фала им на Маите!). Се употребува само горниот дел, кој претходно мора да се осуши.

Се чистат од боцките-влакната, и тоа два три пати. Боцките се многу мали (тенки), така да ДОБРО проверете. Една боцка ако утнете, се лепи за цревата, што значи смрт во најголеми маки за корисникот.

Се сечкаат на кругчиња и во таква состојба се ТООЛКУ горчливи, што ако ги лапнете, има да повраќате до Февруари. Зa да се убие горчливоста, се користи сладолед (не се знае што користеле Маите).

Ставете петнаесетина кругчиња во кило сладолед, и остајте ги ден, два. Тоа е се за подготовката. Битно е да е добра екипата, да си веруете еден на друг. Ако се појави некоја трошка на сомнеж кај било кој, ојдовте јабана. МОРАШ да се ЧУВСТВУВАШ дека си ОПКОЛЕН со ПРИЈАТЕЛИ. Се зимаат по две, три кругчиња, се јаде и сладоледот, и се одлепуе едно 12 саата. Наздравје кркање. *

„Теотихуакан и Монте Албан,

градови пред сите градови на светот,

Маја народи, со чудесна доброта,

фала ви за пејотите!“ **


* Фала на Багра за потсетувањето.

** Кој не ја читнал, нека ја прочита „Калифорниски Блуз“ од Милан Оклопчиќ.

март 4, 2012

Многу готвачи, а манџата изгоре

Зачувано под: политика —Tagged , , — virial @ 1:55 pm

Слушам и гледам дека пак се крчка некоја чорба во Македонија подготвена со локални состојки, а по рецепт од империјалните кујни. Ја спремаат локални готвачи добро познати на Македонците, а мсје Вол-ерс е како главен готвач кој поднадгледува како оди готвењето. И ОБСЕ имал свој помошник готвач кој суфлира што и како треба да се запржи и подгрее – излади. Ако, така и треба кога пуштаат Македонците секого во кујната. Башка, овие влегоа со немиени раце в кујна, уште крвави од Либија, Ирак. Непрофесионално.


Нејсе, јас пак ги кривам Македонците. Ај да видиме оти. Е па, како шо вели Френк Х. преку ликот на принцезата Ирулан, почетокот не најдоброто време да се дефинираат нештата. И најосетливо време. Што ќе зафркнеш на почетокот, после тешко се поправа. А во случајов, почетокот беше дефинирањето на карактерот на државата Македонија. Ја дефиниравме најдобро што можевме, ама 10 години потоа, готвачиве ја редефинираа. Дека не требаше тоа да се дозволи е познато, ама да се потсетиме зошто, посебно во времињава кога едни готвачи-приправници од комшилук ни се мешаат во штипките а не гледаат (гледаат тие ама имаат грб) што имаат по дома.

Се чудат луѓето, македонците, што им се случува во Македонија. Некои сакаат да ја прават уште по-граѓанска држава, не била доволно отворена и пост-модерна. Не се глупави луѓе тоа, па се прашувам дали гледаат или не, дали промислиле дека на пример за едно цвеќе да пресадиш треба да водиш сметка каде ќе го ставиш, не пак комплицирана социјална структура како што е една држава. Жал ми е што ќе речам, ама граѓанска држава не е за на Балкан (сеуште) или не барем како што некој ја замислува. И „демократија“ не е за секого, Либија ви е пример.


Значи, покроце со дефинициите и желбите. Загледајте се малку в комшии и направете ја Македонија прво малку сообразна со она каде се наоѓате. Сосема беше доволно она што го имавме во ’93 (не мислам на криминалот со приватизациите). Тогаш, Македонија предничеше по граѓанство на балканот. И, доста е. Најпрво, можевме да почекаме комшиите да ги стигнат тие стандарди. Како поискусни во државотворство да покажат пример, па Македонија да следи. Не е лошо тој пример да го следи Македонија и денес. Но, се поставија работите на ќоше, и се излизгавме, први во се, за денес тие исти комшиски држави кои нели, имаат многу големи дострели во „демократија“ да не учат нас што требало да биде.


И многу бели и учени глави во Македонија велат дека била диктатура, дека штогоде не чинело. Јас мислам дека македонија како држава е стегната таму кај што не треба, а опуштена и распуштена таму кај што треба да е прибрана. Стегната во нео-либерален калап, во фамилијарност и врски, во (етнички и комшиски) кланови. Значи, решете што сакате. Сакате држава? Живеете на балкан. Ако сакате држава, таа треба да биде држава на Македонскиот народ. Малцинските групи ќе си имаат свои права според тоа каква е состојбата во комшии, и малку над тоа (ниво од ’93). Ако некој се буни, ќе доживее репресии во скалд со законот. На кого не му чини тоа, може да се жали кај западните „демократии“ и да спореди со состојбата кај нив. Овде зборувам за државност и нејзина дефиниција, не за услуги од тип на вадење документи од катастар, здравство, образование, достапност. Се тоа треба да е на т.н. граѓански концепт. Ама државотворноста се знае чија треба да биде. Да се споредува уставот на модерна Македонија со уставите на Холандија, САД, Германија по тоа прашање е невкусно. Ако на некого не му е јасно зошто, нека чита историја. Ако пак не му е јасно, нека се обиде прво да ги убеди комшиите да ги прекројат своите устави по тој терк први, па ако наиде на отпор, можеби некои работи ќе му станат појасни.


Е, откако ќе се подржавотвори Македонија, пак, тогаш, пополека низ векови нека се подотвараат дебати и нека се редефинираат концепти.  Од мене доста, од ОБСЕ можи ќе чуете уште по нешто.

октомври 23, 2011

Сонцето денес

Зачувано под: наука —— virial @ 3:03 pm

Нашата ѕвезда на 23 Октомври околу 15 часот:

sonce

Сонцето на 23.10.2011

Фотографирано со телескоп Meade ETX 80, и Canon EOS 1100D. Експозиција: 1 / 800 sec. Користен е Baader Planetarium филтер за објектив со пропусна моќ од 1 / 1000 од 1% од сјајот на Сонцето.

Видливи се повеќе групи на дамки; Сонцето ја зголемува својата активност. Во групата на дамки која се наоѓа кон крајот на дискот забележливи се и региони на зголемена активност околу дамките.

Важно: НИКОГАШ не го набљудувајте Сонцето без соодветна заштита. Наочари за заварување, наочари за сонце, CD, развиен фотографски филм НЕ се соодветна заштита.

август 2, 2011

Транскоп или Роскоп

Зачувано под: општество —Tagged , , , , — virial @ 7:16 pm

Регионалниот и меѓуградскиот превоз во Битола е во надлежност на претпријатието „Транскоп“. Ако сте патувале со автобус во или од Битола, најверојатно го знаете тоа. Транскоп постои одамна, во старите едноумни времиња беше „фирма и пол“. Денес, кога е приватизиран, за жал не е така. Велам за жал, оти сакам нештата да функционираат во родниот ми град. Секоја година кога сум во Битола, ги користам нивните услуги и секоја година сум се по разочаран. Пред неколку години се случи и несреќа во која беше вмешан еден од флотата на дотраени транскопови автобуси, но освен многу зборување, гледам дека ништо не се променило.

Единствена промена е што автобуската станица во Битола беше внатрешно реновирана (само до половина, а надвор е сеуште во распаѓање) и што „Транскоп“ има веб сајт од Ш категорија. Но промена во возниот парк нема, а цените се во чекор со другите компании кои нудат далеку поголема удобност.

Пред две години не ми беше дозволено да патувам од Охрид до Битола иако имав повратен билет а во автобусот имаше место. Откако искористив друг превозник (Опал Ком од Кавадарци, чиј автобус беше климатизиран и во кој имаше униформирана „стујардеса“) „Транскоп“ одби да ми ги врати уплатените средства за релацијата Охрид – Битола. Тогаш молчев.

Пред извесно време требаше да одам до Берово. Директна линија Битола – Берово не постои. Можеби е тоа оправдано. Алтернативите се да се оди преку Струмица, Велес, Кавадарци или Скопје. Времето на патување се зголемува а најкратко е преку Струмица. Од Велес не постои можност за купување повратен билет до Берово, а билет во еден правец чини 540 денари. Не навлегувајќи во проблематиката на овие чудни состојби, се решив да патувам преку Струмица и за 600 денари купив повратен билет, плус 10 денари за гаранција на багажот (?!).

Автобусот кој одеше до Струмица не беше автобус, туку некој вид на минибус. Замина речиси полн, без клима, дотраен, бучен. На нашите протести зошто превозот до Струмица (4 саати пат) се прави со овој минибус, а до Демир Хисар замина поголем и подобар автобус, возачот одговори да не се жалиме на лошиот минибус, барем ни испратиле „убав шофер“. Го разбирам дека мора да се шегува за да ја задржи присебноста во своите услови за работа, ама нам не ни беше смешно, посебно кога на половина пат некој поврати (помало возило е нестабилно, и повеќе осцилира по патот), па освен со жешкото време требаше да се носиме и со непријатната миризба, а две седишта беа неупотребливи.

Минибусот застануваше во секое поголемо место, прибирајќи нови патници, па од Кавадарци натаму веќе беше полн и со луѓе кои стоеа. Дали луѓето во „Транскоп“ имаат информација колку карти се продале пред да тргне автобусот? Француските туристи кои беа во минибусот се запознаа на уникатен начин со убавините на Македонија.

Во Струмица чекав три саати за да го фатам комбето кое оди за Берово. Климатизирано комбе, кое патем беше речиси исто како нашиот „автобус“. До берово оди за саат и пол, а услугата чини 170 денари. И во Берово и во Струмица го разгледав возниот парк на тамошните транспортни компании, и можам да кажам дека е подобар од оној на „Транскоп“.

Не дека нема и таму проблеми. Единствен начин да се стигне на време од Берово до Струмица за потоа да се фати автобусот кој поаѓа за Битола е да се тргне во 07:10 сабајле а такси компаниите почнуваат со работа во 06:30 (не прифаќаат да возат порано ни со претходна најава и тоа во лето), па ако сте во некое село, нема начин на време да стигнете на станица. Очигледно селскиот туризам е предвиден само за гости со сопствен автомобил, а така и ќе остане се додека некој не реши да ги искоординира транспортните претпријатија.

На враќање за Битола сообраќаше автобус, со хидраулика која „поткашлуваше“ и секако без клима. За резервација на повратниот билет се наплаќа 40 денари, плус 10 денари за багаж и такса за услугите на станицата кои вклучуваат едно мошне непријатно WC.

Она што ми остави впечаток е фактот дека Берово се изменило на подобро од пред 15 години кога за последен пат сум го посетил, и тоа повеќе од Битола, ако се земе во предвид разликата во бројот на жители.

Порака до битолските градски власти. Крајно време е да почнете да работите повеќе, започнувајќи од контрола на „Транскоп“.

Весела математика. Еден автобус кој сообраќа до Струмица ако пренесува 40 патници со купен повратен билет, заработува 24 000 денари. Да речеме дека автобусот ќе потроши 100 литри дизел гориво, останува 18 000 денари чиста заработка. Со само една линија (а ги има една дневно) се покрива и месечната плата на возачот. Ако ги земеме во предвид и сите давачки, па и реновирањето на станицата, јасно е дека пари има и за нови автобуси и за делови, и за пристојна заработка на сопственикот. Само што мене ми изгледа дека сопственикот сака да заработи и повеќе од она што е пристојно, на грбот на нас, патниците кои обично си ќутат, а и власта не се „замара“ со контроли, ако добро се „подмачка“.

Powered by WordPress