Виртоузот на кларинет замина во легендите
период од-до
  -  
АктуелноМакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОтворенаСценаВо фокусот Здравје
Сцена
Датум: 21.06.2012, 16:19

ПОЧИНА БАРДОТ НА МАKЕДОНСKАТА МУЗИKА, Тале Огненовски

Виртоузот на кларинет замина во легендите

Беше познат како еден од најголемите светски амбасадори на македонската музика. Има компонирано и аранжирано 150 ора, џез-композиции, еден класичен концерт, а и денес младите музичари учат од неговиот богат опус

Виртоузот на кларинет, Тале Огненовски, кој беше познат како еден од најголемите светски амбасадори на македонската песна, замина во легендите на 90-годишна возраст. Завчера тој беше погребан на гробиштата во „Бутел“. Огненовски зад себе остави богат опус, од кој ќе црпат генерации млади музичари. Роден е во Битола на 27 април, 1922 година. Иако е најпознат како кларинетист, свирел и на гајда, зурла и на тапан. Во 1965 година со ансамблот на „Танец“ настапил и во престижната „Kарнеги хол“ во Њујорк, а реномирани весници како „Њујорк тајмс“, „Лајф“, „Л.А. тајмс“ имаат објавувано написи за овој македонски музичар. Има компонирано и аранжирано 150 македонски ора, џез-композиции, еден класичен концерт итн.

Еден од последните чувари на нашиот звук

Во 2008 година го објави албумот „Македонски џез-композиции за кларинет од Тале Огненовски“, кое доби одлични оценки од странските музички критичари меѓу кои и од престижниот медиум фокусиран на џез-музиката „Ол абаут џез“. Ова беше негово трето цеде, а ги има издадено и „Џез, македонски народни ора и класична музика“ и „Моцарт и концертите на кларинет за Огненовски“. Во тек на кариера му беше врачена и државната награда „11 Октомври“, а годинава му беше доделена и национална пензија.

Познатиот македонски мултиинструменталист Драган Даутовски го оценува Огненовски како еден од последните мохиканци, чувари на нашиот звук.

- Особено кога се работи за чалгиите, за градската музика. Тале Огненовски е бард на нашата музика и тажно е колку забораваме. Навикнавме да се сеќаваме за заложбите, за делата што вакви великани ги оставиле зад себе дури откако ќе си заминат. Се градат споменици дури кога луѓето веќе не се тука наместо тоа да се прави додека се активни и присутни. Искрено ми е непријатно и срам што сега и на ваков начин дознавам за веста и што сум дел од општество што заборава и во кое вредностите се извртени - вели Даутовски.

Виолинистот и директор на „Танец“, Зоран Џорлев, смета дека е апсолутно излишно што и да се зборува за Огненовски зашто овој македонски виртоуз кажал с` што имал со својата музика.

- Мислам дека младите музичари, особено тие што имаат избрано дувачки инструмент, треба да учат од ората на Тале. Неговите изведби се пример за тоа како треба да свири македонска музика на кларинет. Исто така е еден од ретките примери за музичар што беше со својот инструмент до последниот момент - истакнува Џорлев.

Моцарт во

македонската музика

Вокалот на „Љубојна“, Вера Милошевска, вели дека Огненовски со целиот пребогат опус зад себе може да се смета за Моцарт во македонската музика.

- Донесе едно сосема поинакво видување кон чалгијата и кон народната музика, еден вистински пресврт. Се отвора звукот, а во неговата музика може да се почувствува Пелагонија. Тој сам по себе е национална школа, стандард. Таков човек се раѓа еднаш на векови. За жал, никогаш не го запознав лично, но сме разговарале и споделувале приказни за него со колегите. Луѓе како него во светот ги брендираат - вели Милошевска.

АндриJана Андова

#



Останати вести
Продолжението на „Глупав и поглупав“ без Џим Kери
„Зијан“, Пејчиноски и Џамбазов на „Т’к-так фест“
Македонските дизајнери одушевија во Загреб
Вокалистот на „Kратовчани“ награден на тамбурашки фестивал во Нови Сад

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести
 
-->