daily news paper Vest
Насловна 
Македонија 
Црна Хроника 
Свет 
Скопје 
Култура 
Ревија 
Калеидоскоп 
Живот 
Фељтон 
Прилог 
Пошта 
Хумор 
Спорт 
ФОТО 
Време 
Утре    
ден: 6
ноќ: -5
Задутре    
ден: 3
ноќ: -4
Денес    
ден: 5
ноќ: 0
Кина 
Site Meter
  Година: 5   Број:1369   Сабота   1/22/2005
  Ревија
Пребарувач
Во соработка со Најди!

НЕГРИЖА И НЕОДГОВОРНОСТ КОН ИСТОРИЈАТА НА ГЛАВНИОТ ГРАД
Скопските градоначалници покриени со пајажина
До ден-денес ни градските власти, ни Архивот на Македонија и на град Скопје, ни Музејот на град Скопје не се погрижиле да се издаде монографија или, пак, енциклопедија каде што на едно место ќе бидат сместени сите л

Ако некој што живее во Скопје го прашате да наброи барем тројца градоначалници на главниот град во изминативе 100 години, веројатно ќе останете без одговор. Но тоа не е поради неупатеност или неинтересирање на граѓаните туку благодарение на хроничната негрижа на институциите за историјата на градот. Ни градските власти, ни Архивот на Македонија и на град Скопје, ни Музејот на град Скопје до ден-денес, значи ни за 100 години, не се сетиле да издадат монографија или, пак, енциклопедија каде што на едно место ќе бидат сместени сите луѓе што досега биле на чело на градот и каде што ќе се каже кој за што е заслужен и каков белег оставило неговото владеење врз градот.
Службениците во Архивот, кога ќе ги прашате дали имаат хронолошки податоци за скопските градоначалници, за нивните биографии и заслуги, одговараат: "Па не знаеме ние тоа, во Градот изгледа тоа го имаат". Во Градот, пак, поим немаат за што станува збор, а и во Музејот на град Скопје се однесуваат како паднати од Марс.
Во времето на комунизмот, одвреме-навреме, некој градочалникот на Скопје издавал по некоја енциклопедија со податоци и слики за Скопје, но од 90-тите години па наваму се регистрира само тоталната незаинтересираност за презентирање на историјата на градот на овој начин.
За да се направи каква-таква хронологија на досегашните градоначалници, мора да се истражува. Треба да се пролистаат купишта книги и скопските градоначалници, како-така, хронолошки да се наредат. Тешко е да се најдат нивните биографии, а уште потешко нивни слики.
Генерално, може да се каже дека пред Втората светска војна тогашните градоначалници биле избирани од власта, а претходно биле заслужни војници кои работеле за српската страна. По Втората светска војна, пак, ништо не е сменето, и повторно градоначалниците се избираат по заслуга, но овој пат заслуги за Комунистичката партија. "Традицијата", навистина, не е нарушена и денес, зашто сите градоначалници, без исклучок, се партиски војници, само што се избираат на избори.
Под српска власт, кога Македонија била јужна бановина, на почетокот на минатиот век, градоначалниците се нарекувале претседатели на Општината на градот.
Од податоците се бележи дека градот Скопје најмногу се развива по Првата светска војна. Претходно, во секоја смисла, градот само бил една голема паланка.
Спиро Хаџи Ристиќ бил градоначалник од 1912 и од 1918 до 1920 година. После него кратко време бил Коста Стефановиќ - Арсенковски, а од 1921 до 1923 бил Александар Буковиќ. Од 1923 до 1929 градоначалник на Скопје е Никола Сапунџик, а во два наврата потоа од 1929 до 1936 и од 1939 до 1941 Јосиф Михајловиќ. Професор Пера Јовановиќ бил на чело на градот во текот на 1936. Докторот по гинекологија и акушерство, еден од првите во Македонија, претходно воен лекар во Првата светска војна, д-р Коста Чохаџиќ бил градоначалник една година, од 1938 до 1939. Во 1941 година кмет на градот бил инженер Мустаков.
По Втората светска војна градоначалници се претежно народни херои, револуционери, сите членови на КПМ. Од оваа функција потоа редовно биле назначувани на повисоки раководни функции.
Прв претседател на Општината Скопје, во илегала, е Лазар Танев, роден во 1884 во Скопје. Член на КПЈ, обласен комитет за Македонија. Потоа градоначалници биле Димче Зографски, Ѓорѓи Икономов, Душко Лукарски, Вера Ацева, Аспарух Каневче, народниот херој Наум Наумовски - Борче, Благоја Талевски, Благоја Николовски. Потоа револуционерот Кемал Сејфула роден во Скопје, 1921-1978, кој активно, во рамките на Комунистичката партија, дејствувал на организирање на турската и албанската младина. Потоа бил и министер, а и амбасадор на СФРЈ во Зимбабве. По Сејфула, градоначалници се Васил Ѓоргов и Крсте Марковски.
За време на земјотресот градоначалник на Скопје е Благоја Попов, 1920-1992, роден во Кочани. Член на КПЈ. Негов потпретседател, а потоа градоначалник е Драгољуб Ставрев. По нив во 80-тите градоначалник на Скопје е Методи Андов.
Според записите, не може да се одреди која од овие личности и за што има заслуга. Уште повеќе што одлуките не можеле да се спроведуваат без согласност од раководните структури во Белград.
По катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година, градот, кој бил целосно разурнат, се развивал од солидарната помош и кредити од целиот свет кои помогнале за изградба на капитални објекти и за развој на економијата и индустријата. Од солидираноста и инвестиционите вложувања изградени се новата железничка станица, фабрики како ФАС "11 Октомври", ОХИС, МЗ "Тито", Железнарница Скопје. Целосно проектирана и изградена е сообраќајната мрежа која, без никакви измени, се користи и ден-денес, иако степенот на моторизација е многу поголем. Исто така, изградени се многу сообраќајници, булевари, мостови, како Гоце Делчев, Обединети нации, мостот во Ново Лисиче кон булевар Србија. Кон крајот на 60-тите години од минатиот век и во 70-тите започнува градежната активност на згради и станови, но сето тоа од кредити од земји пријатели на СФРЈ.
По прогласувањето на независноста на Македонија, прв градоначалник беше Милан Талевски, потоа него го наследи Горан Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој загина во сообраќајна несреќа. Него го наследува Јове Кекеновски. После тоа се донесе Закон за локални избори и на првите избори победи актуелниот градоначалник Ристо Пенов.

Јорданка Ивановска

***

Јосиф Михајловиќ од турска касаба го претворил Скопје во град

Во овој период најмаркантна личност - градоначалник, која се споменува во сите книги и чии заслуги во Скопје се гледаат и ден-денес е Јосиф Михајловиќ, 1887-1941. Роден е во с. Тресонче, Дебарско. Според записите, бил човек со висока стручна квалификација. Универзитет завршил во Белград, а се дошколувал во Франција каде што се запишал на Сорбона, на Институтот за урбанизам. Потоа заминал за Лондон каде што се запишал на Високата лондонска школа за уредување и разубавување
градови.
Во негово време и на негова иницијатива изградени се капиталните објекти, како хидроцентралата "Матка", првиот водовод "Рашче", насипот во Градски парк на Вардар, регулацијата на Серава. Негови се заслугите за првиот урбанистички план на Скопје, оформувањето на денешниот плоштад со околните улици, изградбата на Собранието, денешната Градска болница, старата железничка станица, поранешната Народна банка на Плоштадот. Кога во 1929 година бил именуван за градоначалник, се вели во записите, авионски го снимил градот и направил катастарски премер и попис на населението. Првиот урбанистички план на Скопје го изработил заедно со стотици ученици, инженери и геометри. Благодарение на неговите планови, започнува усовршувањето и на уличната мрежа. Изградени се многу плоштади, улици, мостови и објекти: плоштадот Македонија, денешните Илинденска, 11 Октомври, Мито Хаџи Василев - Јасмин, Орце Николов, кејот 13 Номеври. Во негово време започнало и калдрмисувањето на улиците.
Било формирано и Друштво за разубавување на градот, кое се грижело за естетскиот изглед на објектите.

© ВЕСТ 2001
Секое користење на информации и фотографии од сајтот,
без дозвола на Редакција ВЕСТ е забрането
sloboden dneven vesnik Vest
Рекламен
простор