период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусОтворенаСценаАктуелноВо фокусот Здравје
Култура
Датум: 27.10.2013, 18:28

Споменик на христиЈанската и на исламската историЈа

Свети Ѓорѓи ја крепи Јени џамија во Битола





Наскоро се очекува да започне конзервација на внатрешните делови од Јени џамија, еден од најрепрезентативните историски споменици од отоманската архитектура во Битола. Ќе се конзервираат делови каде што во изминатите десетина години со прекини беа вршени археолошки ископувања. Наодите потврдија дека таму се наоѓаат темели од „Свети Ѓоргија“, најголемата раносредновековна црква во градот. Според најавите на надлежните од битолскиот Завод и музеј, планирана е и презентација на археолошкиот локалитет-црква „Свети Ѓоргија“ во Јени џамија и враќање на старата намена на просторот во галериски.

- До крајот на годината планираме да почнеме со конзервација на внатрешните делови од џамијата. За таа намена одобрени се средства од Министерството за култура и се надевам дека в година таму ќе поставиме и ликовни изложби - изјави Лилјана Христова, директор на Заводот и музеј.

Во ископувањата под објектот беа пронајдени ѕидови од три цркви, а најстара се смета дека е „Свети Ѓорги“.

- Со наодите денес, со поголема сигурност може да кажеме дека една од црквите е „Свети Ѓорѓи“. Инаку, пронајдените остатоци од цркви датираат од 7, втората од 11 и третата од 13 век. Последната црква била срушена уште пред да се изгради џамијата. Дали се случило со освојувањето на Турците или од други причини нема точни податоци - вели археологот Гордана Филиповска-Лазаревска.

Дека на местото се наоѓала црквата „Свети Ѓорги“, потврдуваат и пронајдените артефакти со исцртан лик на светецот.

- Беа откриени два печата, едниот сребрен со ликот на свети Ѓорѓи, а другиот со ликот на Богородица во молитва. Едниот се смета дека му припаѓал на видно семејство, на некој од следбениците на цар Самуил, кои биле во контакт со Цариград. Се смета дека во 11 век ова место било епископско седиште - додава Филиповска-Лазаревска.

Еден од најзначајните движни наоди е петокралниот медалјон, кој се претпоставува дека на мантијата го носело високо свештено лице. Медалјонот има две страни, на едната се изгравирани светците Теодор и Ѓорги, чиј оклоп е позлатен. На другата страна се фигури на св. Никола и Василиј.

- Заслужуваат верските објекти да се доистражат и тоа да биде презентирано, така градот би добил дамнешно минато - додава Филиповска-Лазаревска.

И публикациите на историчарот на уметност, Роберт Михајловски, говорат дека црквата „Св. Ѓорги“ се поврзувала со Јени џамија дури и во легендите и во преданијата. Така, објектот во минатото бил познат како Нал џамси, што во превод значи Потковица џамија зашто според легендата имал зачувано трага од потковицата на коњот на свети Ѓорги. Во преданијата на Цепенков е запишано дека во Битола имало 72 храма, меѓу кои и „Св. Ѓорги“. Историчарот Јован Хаџи Василевиќ на крајот од 19 век ги запишал усните преданија од Битола дека седум џамии биле цркви, од кои едната „Свети Ѓорги“ во Нал џамија.

Идејата на битолскиот Завод и музеј е да се адаптира Јени џамија во градски споменик на христијанските и на исламските историја, религија и култура по примерот на „Аја Софија“ во Истанбул. Во иднина планирано е подовите да бидат застаклени и да може да се видат наодите од истражувањата под објектот.

Руиниран надворешниот дел од џамијата

Со ископувањата беше зафатен и дел од надворешното опкружување на џамијата. Местото денес е руинирано од атмосферските влијанија, оштетени се делови од заштитната ограда, а несовесни граѓани таму фрлаат отпад. Видни оштетувања од атмосферските влијанија има и на куполата на џамијата.

Муфтијата: Ова се приказни

Нема вистина во ова, туку приказни, вели муфтија Плуми Велиу од Битола.

- Сето ова се прави во обид да се држи меѓурелигиска тензична ситуација, а врз основа на приказни што немаат археолошка и историска вистина. Тука нема археологија, туку политичка димензија. За нас џамијата е непроценливо духовно богатство и една од најимпозантните џамии на Балканот - изјави Велиу.

Џамијата била изградена во 1558 година од страна на Мехмед Ефенди-кадија, кој ги поседувал сите дуќани во Пекмез пазар. Во џамијата за декорација биле користени керамички фајански плочи од работилниците во Изник, Турција, какви биле употребувани за други џамии дизајнирани од архитектот Минар Синан.

Жанета Здравковска

#



Останати вести
Промоција на „Проглас“ од св.Kирил во НУБ

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести