За улогата на Томас Стокман, во претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, актерот Бајруш Мјаку ја понесе престижната награда за високи актерски достигнувања „Ристо Шишков“. Со тоа Мјаку стана лауреат на  22-то издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар кој го носи името на бардот на македонското глумиште, Шишков.

Претставата „Народен непријател“ е во режија на Дино Мустафиќ, а во продукција на „Театарот на еден актер“ од Скопје и театарот „Ода“ од Приштина. Бајруш Мјаку, рече дека наградата носи актерско признание но и чест што би ја посакал секој театарски уметник.

Според жирито, сугестивноста и енергичноста со кои Мјаку ја донел улогата на доктор Стокман на сцената биле пресудни тој да ги добие највисоките оценки. Претседателот на жирито, Нико Горшиќ, вели дека уживал во маестралната игра на годинашниот лауреат.

Во петте фестивалски денови се одиграа десет претстави.



Датум на објава: сабота, 13 септември 2014 во 14:48
Сузана Мицева
Обновено во: 15:11

коментари

остави коментар