Најнов број Насловна
Број 2712    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
ЗАВРШИ "РОК ФЕСТ"
Победија метал-групите "Боргот" и "Хардфејсд"

Скопската метал-група "Боргот" и охриѓаните "Хардфејсд" се победници на финалната вечер на 24. издание на "Рок фест", што завчера се одржа во клубот "Вулкан". Титулата победници "Боргот" ја добија од публиката, додека "Хардфејсд" беа фаворити на Стручното жири. Двата бенда добија бесплатно снимање на песна. Филип Сулејманов од групата "Абраксас" од Скопје е избран за најдобар гитарист и отсега ќе може свири на гитара "јамаха", подарок од музичкото студио "До-ре-ми".

На годинашното издание на фестивалот се претставија 18 бенда што гаражните проби ги заменија со рокфестовската сцена и се бореа за влез во финалето низ четири квалификациски вечери. Но само шест бенда ја добија привилегијата да покажат што знаат на завршната вечер и да се натпреваруваат за епитетот "најдобар", а со тоа да застанат рамо до рамо со спектакуларните победници на "Рок фест" како "Ареа", "Дедикејтет фор лајф", "Сињак" и "Санаториум".

Финалето го отвори десетчлениот реге-состав "Канон" од Скопје. Интересен реге-вокал, придружни вокали и дувачките инструменти резултираа со разиграна атмосфера. Реге-составот "Канон" успешно го презентира својот грув и успеа на околу 300 присутни во клубот да им ја пренесе позитивната енергија. Со надеж дека раста-бендот им го отвори патот на сите групи што свират реге да стапнат на рокфестовската сцена и да прикажат нова и свежа музика.

Следен настапи женскиот бенд "Ерик", кои отсвиреа неколку рок-нумери од својот репертоар. Вистински раритет беше на сцената да се погледне група составена од девојки, што не се случило во досегашната историја на "Рок фест". Во стандарден рок-состав: вокал, гитара, бас-гитара и тапани, тие не презентираат ништо ново, но сепак ги собраа симпатиите на публиката токму поради половиот состав на бендот.

Следните три групи, "Хардфејсд", Виктим Јеилд", "Боргот", жанровски беа уедначени - свиреа метал. "Хардфејсд" презентираа јак звук и ја "распалија" публиката. Кумановската група "Виктим Јеилд" ја презеде палката и изненади со моќниот вокал. Делот од вечерта посветен на моќниот метал-звук го затворија "Боргот", кои донесоа и освежување бидејќи во нумерите беше вметнат и синтисајзерот.

Со настапот на групата "Абраксас" беше спуштена завесата на финалната вечер. Скопскиот метал-паур рок-состав ја изненади публиката со женскиот вокал и со одличниот настап на Филип Сујелманов, што му ја донесе и гитарата "јамаха". Иако поради временското ограничување нивниот настап беше пократок отколку на другите групи, "Абраксас" се покажаа во најдобро светло.

Вчера во клубот "Вулкан" се одржа и ревијалната вечер на "Рок фест", што ја отворија групите победнички на годинашново издание на фестивалот, а настапија и "Лоши деца", "Декаденс", Никеја" и "Тотално опуштање".
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани