Најнов број Насловна
Број 2882    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE

АТАНАС ПРОКОПИЕВ ЗАБАЗНОСКИ, ПРВОБОРЕЦ И НАРОДЕН ХЕРОЈ
Денеска ни се потребни херои на честа
Потребни ни се чесни луѓе, да нема криминал, корупција. Ја имам почувствувано корупцијата, но и многу други луѓе. Луѓето се разочарани. Тоа не се проштеваше во наше време, вели Забазноски

Атанас Прокопиев Забазноски го добил рускиот Орден на народниот херој од Народноослободителната војна во 1951 година кога имал само 26 години. Еден е од 66 Македонци што го добија највисокото признание за храброста што ја покажале во борбите низ кои е создавана македонска држава во Втората светска војна. Шеснаесетгодишното дете на руски емигрант и на Македонка уште од првите денови на бугарската окупација на Македонија, во 1941 година се приклучува на тогашното комунистичко движење што го организирало отпорот. Не случајно, младиот скоевец успева да ги набави и да им ги достави на соборците првите пушки од кои на 11 Октомври се испукани куршумите кон прилепската полициската станица и кои го означија почетокот на востанието на македонскиот народ.

Се сеќава дека во тој период и не можело да се биде на другата страна освен на онаа за која се определија речиси сите прилепчани, вклучувајќи се во сите видови отпор против новиот окупатор.

- На прсти можеа да се избројат соработниците на окупаторот, речиси сите беа за движењето. Видовме дека бугарските фашисти се ист окупатор каков што беше и српската власт пред нив. Српските џандари ни ја пцуеја "мајката македонска", а бугарските продолжија со малтретирањата и денационализацијата на се што е македонско. Сфатив дека тоа се наши непријатели на кои мораме да им се спротивставиме - вели Забазноски.

Во првите две години од војната дејствувал во илегала, а во 1943 година станува борец и пушкомитралезец на Првата македонско-косовска бригада. Многу битки се добиени благодарение на неговата храброст. Крајот на војната го дочекува во Словенија, откако ги поминал тешките борби на Сремскиот фронт.

Првите пушки



lНа кој начин се вклучивте во тогашното комунистичко движење и како дејствувавте во тоа време?

- Комунистичката партија беше практично единствена сила што и даваше отпор на таквата окупација. Прилеп беше силен центар во тој период. Кога станав член на СКОЈ, еден мој другар, кој беше образован човек, многу ни зборуваше за македонската историја, за версајска Југославија, делењето на Македонија, за ВМРО, за борците чие дело се Илинденското востание и Крушевската Република. Тој знаеше убаво да го каже тоа, да не можеш да го заборавиш. Му барав да одам во партизани, но тој не ми дозволуваше. Велеше, има причина зошто не ти се дозволува. Јас му служев за пренесување материјали низ градот. На властите не им бев сомнителен поради руското белогардејско потекло на мојот татко. А татко ми ме воспитуваше и ми велеше дека сум Македонец, оти живеам тука и тука е мојата татковина.

lСе сеќавате ли на деновите во кои се случи востанието?

- Кога пукнаа првите пушки и кога тоа се слушна низ целиот град, се гордеев со тоа што бев еден од тие што им го доставиле оружјето на соборците. Претходно, секретарот на младинската организација ми даде задолжение да организирам акција за одземање на оружјето од војската сместена во прилепската соколана. Заедно со мојот другар Блаже Илиески, по долги набљудувања и следења на бугарските војници, успеавме да одземеме осум пушки и муниција. Тогаш обајцата заедно имавме 31 година. Оружјето го скривме во мојот амбар. Неколку дена пред 11 Октомври дојдоа тројца другари по пушките и муницијата. Еден ми рече дека сме јунаци и дека "младите треба да се борат како нашите илинденци". За денот на востанието никој не ми кажа, бидејќи сигурно сметаа дека сум млад. Но, кога се слушнаа истрелите знаев дека се и од тие пушки.

Изутрината полицијата не собра и се што беше машко не одведоа во полицијата. Не тепаа со сета сила. Татко ми го претепаа, а мене ме спаси тоа што еден полицаец ме препозна и им рече дека сум спортист и дека не треба да ме тепаат. Ме пуштија дома, но продолжив со илегалната дејност. Не не плашеше ништо, сите бевме решени да си ги дадеме животите за Македонија.

lЗошто, според Вас, доцнеше востанието во Македонија, поради случајот со Методија Шаторов-Шарло или поради некои други причини?

- Млад бев и не ги знам сите работи, но мислам дека востанието не доцнеше многу. Нашата земја беше под целосна власт на други држави и веројатно требало да се направат поголеми подготовки за да се крене востанието. Навистина, не ги знам сите тие работи околу Шаторов. Само еднаш го видов во Прилеп во една млекарница. Лично, мислам дека Шарло не е причината за доцнењето на востанието. Мислам, но не тврдам. Тоа се работи што се случувале во врвовите на раководствата, а на нас, борците, никогаш докрај не ни стана позната суштината на тие случувања.

lКако се решивте да заминете во партизани?

- Едноставно, не можев повеќе да издржам, сите мои пријатели заминаа. Беше и опасно во илегала. Мислам дека полесно беше да си во партизани отколку во градот. Но, не отидов само поради тоа. Не можев да издржам некој да се бори со пушка в раце, а јас да бидам во градот и да носам писма, да бидам врска. Не му се ни јавив на секретарот, туку заминав со една група што се подготвуваше. Не се обидоа да ме вратат, бидејќи ме знаеја.

Прво бев во баталјонот "Мирчев Ацев", а потоа во Првата македонско-косовска бригада. Мене ми пречеше што не е наречена Прва македонска бригада. Таа грешка подоцна беше исправена, но на еден неумесен начин. Имено, се формираа Втората и Третата македонска бригада, а кога се формираше Четвртата, се увиде дека ја нема Првата македонска бригада и тогаш беше решено таа така да се нарече. Мислам дека тоа направи голема девалвација на борбата.

lДали мораше да се распуштат одредите во 1942 година?

- Мислам дека тоа во најголема мера беше резултат на предавствата. Единиците не можеа да опстанат во тие услови. Знам за предавствата во различни случаи, кога настрадаа многу наши борци. Тоа многу влијаеше врз борбата во таа година.



Не можеше

да се оди на Солун



lВо 1943 година дојдоа "инструкторите", Светозар Вукамновиќ-Темпо и Добривое Радосавлевиќ. Како го доживувавте тоа? Беше ли добар или лош потег и какво беше нивното влијание врз партизанското движење?

- Штом тие биле испратени, морало да има причина. Ние во борба тргнавме за ослободување и за создавање држава на македонскиот народ. Јасно, сакавме да имаме обединета држава. Кога се боревме во Егејска Македонија, луѓето од селата не прашуваа: "Добро, што по оваа борба? Како ќе биде?". Ние им одговаравме: " Ќе бидеме заедно". Така и се мислеше, не сме ги лажеле.

Еднаш, еден селанец ме праша што ме натерало да појдам во партизани. Му одговорив дека сакаме да го протераме окупаторот и да ја направиме Македонија држава. А тој ме праша: "Добро, а тогаш што се овие тука што зборуваат српски".

По заседанијата на АВНОЈ и на АСНОМ стана јасно дека Македонија ќе биде држава во состав на југословенската федерација и дека нема да има промена. И да не се согласуваме со тоа залудно ќе беше, немаше услови во тоа време да направиме нешто. Немаше услови да одиме на Солун во тоа време и на Егејска Македонија. Таму имаше многу војска, која беше добро вооружана, а ние не бевме. Освен тоа, одлуката за нас веќе беше донесена на други места, на високо ниво, на Јалта.

lКако ги доживеавте тогаш настаните на скопското Кале, бунтовите и барањата "да се оди на Солун"?

- Не бев тука тогаш, само чув за тоа. Тоа беа желби, но неоставрливи, избрзани.

Ние имавме интимна желба да бидеме обеденета држава, но реалноста беше друга. И како обични борци знаевме што има таму, а да не зборуваме за раководството.

lМораше ли тогашната власт да биде толку жестока во одговорот на тие барања, бидејќи тие во најголем дел се раководеа од патриотски причини?

- Морам да кажам дека имаше разни елементи меѓу нив и такви што биле за Бугарија и луѓе за Македонија. Како одговорен човек во службата за безбедност сум можел да ги апсам, но не го правев тоа, туку ги викав на разговори и им кажував: од оваа работа не бива ништо. Сепак, кога се вратив во Македонија, тие апсења во најголем дел беа завршени.

Јасно ми е дека многу од нив биле за обединување на Македонија, но таквата идеја не можеше да се оствари. Еднаш разговарав со еден што бил осуден и го прашав да ми објасни зошто е осуден. Тој ми рече: "Види, ние се организиравме за Македонија, но не знаевме ниту која е ВМРО, а не уапсија". Ми рече уште дека не верува дека и началникот на полицијата знаел повеќе од него, а и судијата исто така. Но, таква била директивата. Илузија беше да се мисли дека тие ќе може во тоа време да направат самостојна држава Македонија надвор од составот на Југославија.

lИмате ли, сепак, разбирање за тие луѓе?

- Мислам дека, сепак, би требало да имаме разбирање за тие луѓе. Тие треба да кажат дека го сакале тоа, но условите беа такви. А како се однесуваше режимот кон нив, треба да се прашаат тие луѓе. Во случајот на Методија Андонов-Ченто, мислам дека не требало така да се постапи. Основното е во тоа што таквите идеи во тој момент не можеле да бидат остварени. Не беше можно да се одвоиме од Југославија. Не се одвоија Хрватска и Словенија, кои имаа државно искуство, а како би можеле ние. Тоа беше добра идеја, но само идеја. Тогаш можевме да го изгубиме и она за што се боревме.



Цврсти темели,

слаб материЈал



lСметате ли дека идеалите со кои тргнавте во војната се и остварени?

- Мислам дека се остварени. Имаме самостојна држава, малку ни недостига демократија. Државата стои на цврсти темели, но градбата и е малку од слаб материјал и треба да се зајакне.

lКакви народни херои и се потребни денеска на Македонија?

- Потребни ни се херои што ќе се борат за честност, да нема криминал, корупција. Ја имам почувствувано корупцијата, но и многу други луѓе. Луѓето се разочарани. Тоа не се проштеваше во наше време.

lШто мислите за идејата, на Тито да му се подигне споменик?

- Добра е таа идеја. Тој беше голема личност и голем воен водач, неговите стратегии од војната и ден-денес се учат. Мислам дека не смееме да го заборавиме неговиот придонес да станеме држава и признат народ. Грешките на нашите раководители се поголеми од неговите.

lУчат ли нашите деца објективна историја?

- Ми пречи што нашата борба се третира како да не постоела. Се уште немаме сосема јасна слика за неа. Ние, борците, имаме јасна слика, но не е јасно што се случувало отстрана, во високите политички кругови. Треба да се работи на разјаснување на тие дилеми.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани