Министерство за надворешни работи

Наша заложба е да ги промовираме и застапуваме нашите интереси на меѓународен план. Евро-атлантската и европската интеграција се главни приоритети во нашето работење, воедно залагајќи се за безбеден, стабилен и просперитетен регион, како и развивање на поширока билатерална и мултилатерална соработка. Претставуваме сервис на граѓаните, обезбедувајќи конзуларни услуги за нашите државјани во странство.

Најнови вести

Средба Османи – Баздникин

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се сретна со амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Сергеј Баздникин.

На средбата стaна збор за случувањата во и околу Украина, при што министерот Османи повика на деескалација на состојбите и изнаоѓање решение преку дијалог и дипломатски начин на комуникација, и го повтори ставот дека Северна Македонија го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во меѓународно признатите граници.

Воедно, Министерот Османи нагласи дека нашето членство во НАТО претставува значајно надворешно – политичко достигнување на земјава, што е израз на наша суверена одлука донесена едногласно во Собранието во 1993 година. Членството на Северна Македонија во НАТО Алијансата претставува гаранција за нашата безбедност, а воедно придонесува и за пошироката регионална безбедност и сигурност. Дополни, дека НАТО е алијанса за колективна одбрана на земјите членки и не претставува закана за Руската Федерација или било која друга земја во светот.

Министерот Османи го реафирмираше повикот до Руската Федерација за отворен дијалог во рамки на Советот НАТО-Русија и во ОБСЕ со цел за унапредување на европската безбедност, што е од заеднички интерес за сите.

На средбата беше дискутирано и за улогата на Северна Македонија како дел од ОБСЕ Тројката и идното претседавање со ОБСЕ во 2023 година.

Скопје, 31 јануари 2022 год.

Соопштение

Почитувани претставници на медиумите, Во врска со објавените информации дека на погребот на еден од најпопуларните музичари, Аки Рахимовски вчера во Загреб, немало претставник од Република Северна Македонија, би сакале да информираме дека амбасадорот на нашата држава во Загреб, Миљаим Фетаи присуствуваше на погребот, изразувајќи почит кон дејството на познатиот музичар, при што положи и венец. Знамето со кое беа покриени посмртните остатоци на нашиот голем уметник, беше обезбедено од Амбасадата.  

Загреб, 28 јануари 2022 год.

Учество на ЗМНР Фатмире Исаки на тркалезна маса во организација на Советот на амбасадори

Заменик министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки, денеска учествуваше на тркалезна маса: „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ долга, (не)завршена приказна – одржливост на надворешнополитичкиот курс на Северна Македонија“, во организација на Советот на амбасадори. Во своето обраќање, заменик министерката, Исаки, даде осврт на нашите стратешки ориентации, поставувајќи го членството во ЕУ и НАТО како свои надворешнополитички приоритети, при што Северна Македонија се стави во друштво на земји на кои географски им припаѓа и споделува заеднички вредности.  Целта на настанот беше да се даде придонес, да се разменат мислења во врска со пристапниот  пат на земјата кон ЕУ, но и за регионалните предизвици како важни општествено – политички процеси. На тркалезната маса свое обраќање имаше претседателот, Стево Пендаровски, а говореа и амбасадорот Дејвид Гир, шеф на ЕУ делегацијата во Скопје, амбасадорите на Италија, Словенија, Франција, Холандија, замениците шефови на мисии од амбасадите на Германија и САД, како и поранешни амбасадори Мухамед Халили, Александра Наќева-Ружин, Љупчо Арсовски, Тихомир Илиевски и Ѓорѓи Филипов.

Скопје, 27 јануари 2022 година

Министер за надворешни работи на Република Северна Македонија:

Бујар Османи

Совети при патување во странство

Советите за патувања се извор на информации за граѓаните кои патуваат во други земји. Овие совети ќе ви помогнат да донесете информирани одлуки во врска со вашата безбедност додека престојувате во странство.

Прочитај повеќе
Посети ја Северна Македонија

Прочитај повеќе