Број 857 понеделник, 16 октомври 2006


  Дневник

   

 

Кој е Симеон Радев, главниот уредник на весникот "Македонско движење" што излегувал пред 100 години
Во Париз се величеше човекот што се борел за бугарската кауза
ВИКТОР ЦВЕТАНОСКИ

Јордан Плевнеш: Македонско движење учествува во крунисувањето на македонското национално движење. Симон Радев
На Симеон Радев, кој цел живот живеел со гордоста дека е Бугарин и се борел за Македонија на Бугари, не на Македонци, македонската Влада неодмана во Париз му направи невидена чест. Со голема помпа и со присуство на врвна македонска делегација, министерот за надворешни работи, Слободан Чашуле, откри спомен-плоча на куќата во којашто пред 100 години е отпечатен првиот број "Македонско движење", чиј главен уредник и автор на повеќето текстови бил токму тој. Весникот излегувал една година, отпечатени биле 24 броја.

Меѓутоа, луѓето коишто добро ги познаваат настаните од поблиското минато на Македонија, сметаат дека, сепак, тој не ја заслужувал таа чест зашто знаат за што се борел и затоа величењето на неговото име го ставаат во контекст на очигледните интенции на актуелната власт да ги убеди Македонците дека биле Бугари. Радев не само што цел живот се чувствувал Бугарин, тој бил миленик и голем почитувач на егзархот Јосиф, човекот кој со формирањето на Егзархијата, преку бугарската црква и училиштата формирани во нејзините рамки организирано ги побугарчувал Македонците.

Симеон Радев самиот вистински се разоткрива во книгата "Рани спомени" во која го раскажува својот живот во млади години, додека се школувал во Ресен, Охрид, Цариград. Во неа тој кажува што значи за него егзархот Јосиф: "За него сум пишувал не еднаш со восхит, кој со годините постојано се зголемува. И со својата личност, и со своето дело тој зазема едно од најголемите места во новата бугарска историја. Бугарштината во Македонија е создадена со векови. Големи дејци и бесмртни имиња ја пробудија по долго ропство. Но, тој е човекот што ја организира врз поставените основи. Во текот на 36 години, од денот кога тој стапи на престолот, до фаталната балканска војна, по која тој требаше да го напушти, тој и го посвети на неа целиот живот. За тие коишто имале привилегија да го познаваат одблизу и се способни да ја видат неговата огромна дејност, тој блешти со ненадмината величина...", пишува со очигледно голема љубов Радев за човекот кој направи огромни штети во бришењето на македонската национална посебност.

Македонскиот амбасадор во Париз, Јордан Плевнеш, по чијашто иницијатива е подигната спомен-плочата вели дека весникот "Македонско движење" имал европски хоризонт на мислење. "Тоа се најубавите години од нашата историја", вели тој и додава дека ?тогаш немало поделеност меѓу духовните и интелектуалните сили на Македонија. Сите тие се бореле за македонска држава". Според него, весникот всушност учествува во подготовката на крунисувањето на македонското национално движење.

Амбасадорот Плевнеш вели дека овој весник што излегувал на француски во Париз, како и другите весници што се печателе во Женева, Виена, Санкт Петербург биле подготвувани од македонската интелегенција, чијшто сон била создавање на македонската држава. "Затоа си мислев дека ќе биде голем чин на стогодишнината на "Македонско движење" да се постави спомен-плоча на местото каде што тој излегувал. Во тој весник објавувале плејада личности или се цитирани говорите на разни митинзи. Тој весник е резерват на нашата македонска национална-политичка историја. Ако било тоа движење српско, бугарско или грчко така ќе се викало", објаснува Плевнеш и подвлекува дека за "Македонско движење" знаеле и Гоце, и Ѓорче, и Даме, знаела целата тогашна македонска корифејска стварност, бидејќи биле свесни дека со тоа ќе се отвори македонски процес во европската историја.

"Ние сите треба да бидеме горди за тоа. Што станало потоа со протагонистите на тој чин, што пишувало во нивните биографии нас не н? интересира", одговара Плевнеш на прашањето како можело да се случи така помпезно да се одбележува излегувањето на весникот на чие чело бил човек кој цел живот се борел за бугарската кауза, за Македонија на Бугари. Македонскиот амбасадор во Париз препорачува дека денес треба да дојде до ослободување на нашата свест и "ние сите тие тенденции во Санкт Петербург, во Париз во Женева, во Лозана, во Одеса да си ги прибереме, бидејќи тие отвораат македонски хоризонти, а што станувало приватно со личностите, тоа е сосема друго прашање".

Истовремено потсетува дека таму на плочата пишувало дека тука излегувало "Македонско движење" кое ја бранело идејата за независна држава, за што денеска е благодарен македонскиот народ. Според него, ние не можеме да ги исклучуваме мислите на тогашните познати француски интелектуалци кои се бореле за македонското дело затоа што Симеон Радев подоцна станал бугарски дипломат. Тоа е друга работа и такви примери имало илјадници во европската историја. Македонија тогаш не создала своја држава и тогаш голем број личности отишле во Софија и во Белград

"Ние денес имаме интерес присутноста на македонската интелегенција во светските центри да ја приклучиме кон нашата меморија", подвлекува Плевнеш, посебно нагласувајќи дека одбележувањето на 100-годишнината на весникот има и друга димензија, а тоа е приклучувањето на Македонија кон франкофонијата. И затоа не требало да се навлегува во размислувањата за ваква или онаква биографија и да гледаме дека Македонија била прашање и сон на еден цел народ, на милиони луѓе. "Тие сите ја сонувале таа Македонија. Македонија била една присутност на европската историја, која се дефинирала низ еден таков однос. Плочата е поставена на еден од најпознатите булевари и најубавите места во Париз низ кој минувале 15 милиони туристи годишно и сите тие, смета тој, ќе ја забележат. "Имало контроверзии и различни колебања што било присутно и кај сите народи. Важно е што Македонецот во европскиот лавиринт го има своето место и што тој е една цивилизациска вредност. Ние сме имале традиции кои не се врзани со соседските пропаганди, тие се отворени кон светот, независно од фактот што голем број протагонисти на тие движења подоцна се убивани или ликвидирани или стануваат поданици на туѓи држави и заштитуваат туѓи интереси", заклучува амбасадорот Плевнеш.

Симеон Раде е роден во Ресен, а на јавноста и е попознат како прв бугарски дипломат. Него Софија како свој амбасадор го испраќала во повеќе градови на светот и бил прв бугарски делегат во Друштвото на народите во Женева. Тој бил член и на бугарската делегација при потпишувањето на Букурешкиот договор во 1913 година, кога всушност е распарчена Македонија и при потпишувањето на Солунското примирје во 1918 година. Нема ништо необично во тоа што овој очигледно голем интелектуалец од македонските простори изградил блескава дипломатска кариера во друга држава. Времињата биле такви, тие години се нашол во Софија и својата очигледна надареност и способност ги искористил да стане познат и ценет. На крајот од краиштата, ние треба да бидеме горди што успеал наш човек. Се зборува дека тој се заложил кај бугарскиот цар да биде спасен од сигурна смрт Павел Шатев. Спорно е нешто друго. Симеон Радев се чувствувал Бугарин, за цело време се борел за бугарската, а не за македонската кауза. За Бугарин се определувал дури и во времето кога во Бугарија секој можеше слободно да ја определи својата национална припадност, во времето кога над 220 илјади Македонци гордо кажуваа дека се тоа. Тоа се годините кога Македонија беше слободна и кога почнуваше да ја гради својата држава.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани